Локални избори 2025

Модерна, зелена и европска општина најави кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ за Крива Паланка

15.10.2025 16:59

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и предводник на Коалицијата „Твоја Македонија“, Христијан Мицкоски од митингот ја побара поддршката од граѓаните на овие избори за проектите, кои се почнати на централно ниво да се почувствуваат и на локално. Кандидатот за градоначалник на Крива Паланка, Оливер Алексовски, пак, пред своите сограѓани ветува модерна, зелена и европска општина, со развиена инфраструктура...

Крива Паланка заслужува промени. СДСМ не е алтернатива, туку партија заглавена во бизнис-спрегите на тие што ја водат. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и предводник на Коалицијата „Твоја Македонија“, Христијан Мицкоски од митингот ја побара поддршката од граѓаните на овие избори за проектите, кои се почнати на централно ниво да се почувствуваат и на локално.

Тој испорача критика до неговиот опонент Филипче, дека оди по стапките на неговиот претходник Заев, виновен како што кажа за корупција, предавство и за срамот кој, како што рече, и го нанел на својата државата. Народот, според Мицкоски не заборавил како владееле Социјалдемократите и затоа, како што вели на 19-ти октомври граѓаните ќе го поразат раководството на СДСМ.

Христијан Мицкоски од Крива Паланка се осврна и на проектите кои биле ветени и реализирани. Раст на пензиите, изградбата на новите експресни и регионални патишта и делници, доделени нови 100 социјални станови, рекордното ниво на директни странски инвестиции.

Претседателот на владејачката партија ја истакна и владината поддршка од половина милијарда евра за општините за реализацијата на капиталните инвестиции. Кандидатот за градоначалник на Крива Паланка, Оливер Алексовски, пак, пред своите сограѓани ветува модерна, зелена и европска општина. Со развиена инфраструктура, со проекти и визија за образованието, спортот и соодветна грижа за младите и повозрасните. Во неговата програма е планирана целосна ревитализација на планинскиот бисер, локалитетот Калин Камен преку поставување на ски-лифт. Алексовски најави дека доколку ја добие довербата од граѓаните, во неговиот мандат ќе вложи 100.000 евра во развојот на спортот во Крива Паланка. Во програмата, голем дел посветен и на подобрување на патната инфраструктура во градот.

Кандидатот за градоначалник на Крива Паланка од ВМРО-ДПМНЕ најавува и нови зелени површини, а рече и дека младите ќе имаат централно место во неговото работење. Тој вети формирање на центар за млади, стартап, обнова на училишта, спортски терени, спортски ваучери, отворање на локално радио во Крива Паланка, нови детски игралишта. Алексовски планира и изградба на главен колектор и пречистителна станица за отпадни води на Крива Река.

Викторија Милевска