Проблеми и дефекти на стартот од грејната сезона
Стартува грејната сезона. Околу 66.000 потрошувачи приклучени на централното греење во главниот град. Компанијата иако ги потсети потрошувачите и стопанствениците навреме да ги отстранат дефектите на внатрешните инсталации, не се случи тоа. Голем дел од домаќинствата и деловните простории останаа ладни…

Ладни радијатори за 88 објекти на првиот ден од почетокот на грејната сезона. Според информациите од ЕСМ Дистрибуција, станува збор за дефекти на внатрешните грејни инсталации, потенцирајќи дека поправките и редовното одржување се обврска на потрошувачите. Апелираат да се обезбеди пристап и напојување со електрична енергија на топлинските станици.
Во делови од градот каде се врши санација на дефекти на топлификациската мрежа, истите навремено се објавуваат на веб-страницата на ЕСМ Снабдување. Пред да пријават дефект или рекламација, важно за потрошувачите е да проверат дали нивниот објект се наоѓа на списокот на моментално затворени објекти кои во моментов немаат услови за испорака на топлинска енергија.
Месецов и во првата половина од следниот, при променливи временските услови, снабдувањето со топлинска енергија ќе зависи од температурата на воздухот. Дел од граѓаните со кои поразговаравме, велат дека утрово се разбудиле со млаки радијатори.
66.000 се активни потрошувачи приклучени на централното греење, од кои 65.000 домаќинства и над 1.000 деловни потрошувачи, болници, здравствени домови, средни и основни училишта и детски градинки.
Од ЕСМ Дистрибуција на топлинска енергија најавија можни редукции поради ремонт на цевката кон Бугарија која е дел од „Турски тек“, преку која се снабдуваме со гас.
Снабдувачот е должен во грејните простории во времето од 06.00 до 22.00 часот во текот на денот да обезбеди температура на греење од 20+1 º C.
Александра Велинова
