Голем интерес за огласот за вработување во МВР
Селекцијата на кандидатите ќе се спроведува преку тестирање за нивната стручност во делот за кој аплицирале...

8 правници, исто толку економисти, 7 информатичари, машински инжинер, 10 био-хемичари и безбедњаци, двајца физичари, четворица од областа на телекомуникациите - МВР ќе вработи 50 извршители со високо образование. Ќе бидат распоредени во различни организациски единици.
„Ја користам можноста на МВР што го објави последниот конкурс за кандидати со високо образование, бидејќи имам завршено факултет за безбедност, мислма дека ова е одлична мжност да се исполни мојот сон“, вели Антон Бозароски.
Селекцијата на кандидатите ќе се спроведува преку тестирање за нивната стручност во делот за кој аплицирале.
Огласот МВР го објави во средата, трае 8 дена. Заинтересираните информатичари, правници, економисти, инжинери, безбедњаци имаат можност да аплицираат уште неколку дена, а потребните информации и документи можат да ги видат на веб страната на МВР.
Се бараат еднакви услови. Старосната граница е до 29 години. Од МВР велат дека интересот на кандидатите е голем, а што повеќе има, поголема е и можноста да се изберат најквалитетните.
„Секогаш МВР се труди јавно да ги истакне кои се критериумите, тие да бидат објективни, мерливи и секој кандидат да има увид за себе и за останатите каде точно се наоѓа. Се разбира дека сите кандидати имаа право на жалба. Сите испитувања, сите тестови, сите фази на селекција се снимаат, така што секоја жалба, поплака од кандидатите се разгледува, соодветно се оценува, се прифаќа или отфрла“, рече Иво Котевски, помошник министер за односи со јавноста во МВР.
Во претходните огласи, за едно место аплицирале од 10 до 20 кандидати. МВР лани го подмлади кадарот со 300 полицајци, а завршува селекцијата за уште 400. Во завршна фаза е и селекцијата за пилоти. 12 најдобри кадети што ќе ја завршат школата за пилоти – ќе бидат дел од хеликоптерската единица.
Наташа Гркова-Петрушевска
