Евроинтеграција

Македонија очекува јасна посветеност од ЕУ, за Брисел уставните измени се клучни

15.10.2025 20:19

Европската перспектива на земјата, реформските процеси, дигиталната трансформација – во фокусот на посетата на Фон дер Лајен. Шефицата на Европската комисија, од Приштина попладнево пристигна во Скопје, на средби со државниот врв...

Европската перспектива на земјата, реформските процеси, дигиталната трансформација – во фокусот на посетата на Фон дер Лајен. Шефицата на Европската комисија, од Приштина попладнево пристигна во Скопје, на средби со државниот врв. Прво оставари средба со премиерот Мицкоски, а потоа и со претседателката Сиљановска-Давкова.

Како што соопшти владината прес-служба, Мицкоски на средбата истакнал дека Македонија очекува од Европската унија јасна и конкретна посветеност како потврда на европската перспектива и поддршка за граѓаните кои со децении остануваат посветени на европските вредности.

Посетата на претседателката на Европската комисија претставува потврда на отворениот дијалог и заемната подготвеност за продлабочување на партнерството, во интерес на стабилноста, економскиот развој и европската иднина на земјата – стои во соопштението од Владата.

По средбата, Фон дер Лајен на социјалната мрежа „Х“ порача дека ЕУ целосно стои зад Северна Македонија на нејзиниот пат кон Унијата.

„Вашиот следен и единствен чекор пред отворањето на преговорите е јасен – направете ги уставните измени. Топката е во вашиот двор. ЕУ е подготвена“ – напиша Фон дер Лајен.

Претседателката на Европската комисија ја започна својата тридневна турнеја низ земјите од Западен Балкан од Тирана, а денеска во рамки на посетата на Скопје имаше средби и со претседателката Гордана Силјановска-Давкова и со претседателот на Собранието, Африм Гаши.