Министерски состанок на НАТО и ЕУ за Украина
Војната во Украина и руската закана на агендата на состанокот на министрите за одбрана на НАТО и ЕУ во Брисел. Македонската делегација ја предводи министерот Мисајловски …

Русија, европските одбранбени капацитети и поддршката за Украина – главни теми на состанокот на министрите за одбрана на НАТО и ЕУ во Брисел. Сојузниците обединети, и покрај руските обиди за поделба.
„НАТО продолжува да и помага на Украина да се одбрани. Веќе насочи две милијарди долари американска опрема платени од сојузниците. Нашата поддршка врши притисок врз Путин денес. Поддршката на Украина на долг рок ќе помогне да се одврати каква било руска агресија во иднина, а ова јасно придонесува и за нашата сопствена безбедност“, изјави Марк Руте, генерален секретар на НАТО.
Ова е прв состанок по стартот на мисијата за заштита на источниот воздушен простор. Се работи и на формирање „ѕид против дронови“.
„Путин не треба да се сомнева. Доколку НАТО е загрозен, ние ќе дејствуваме и мора да одговориме на неговата ескалација со нашата сила“, рече Џон Хили, министер за одбрана на Велика Британија.
Американскиот секретар за војна Ги повика НАТО-сојузниците да инвестираат повеќе во американско оружје за Украина.
„Добивате мир кога сте силни, а не кога користите силни зборови. Го добивате кога имате силни и реални способности што противниците ги почитуваат“, нагласи Пит Хегсет, секретар за војна на САД.
Украинска делегација во САД се сретна со произведувачите на ракетите „Томахавк“ кои Трамп сè уште размислува да ги испрати во Киев. Пред средбата со Зеленски в петок, тој повторно изрази разочарување од Путин. Кремљ, пак, ја обвинува Украина за пауза во преговорите.
„Многу сум разочаран, бидејќи Владимир и јас имавме многу добри односи. Не знам зошто продолжува со оваа војна која беше толку лоша за него“, изјави Доналд Трамп, претседател на САД.
„Путин постојано изјавуваше дека е отворен за префрлање на целиот процес во политички и дипломатски канал. Сега има проблеми со тоа, кои не се наша вина. Тие проблеми произлегуваат од фактот дека режимот во Киев е секојдневно провоциран од Европејците да ја продолжи војната“, рече Дмитриј Песков, портпарол на Кремљ.
На терен, продолжуваат жестоки борби. Осум области, меѓу кои и Киев, се соочуваат со рестрикции на струја поради руските напади.
Бојана Крстевски
Фото: НАТО
