Масовни руски напади, Киев возвраќа
Жестоки руски напади во Украина пред утрешната средба на претседателот Зеленски со шефот на Белата куќа. Трамп, пак, оптимист. Тврди дека САД имаат моќ да го приближат крајот на војната.

Руски ракети паднаа врз украинските градови во масовен утрински напад. Повторно на удар енергетската инфраструктура, овојпат во Полтава. Киев возвраќа – опожарена трафостаница во Волгоградската област.
Главна задача на Украина е да ги зголеми нападите со долг дострел на руска територија-изјави Зеленски. Пред утрешната средба со Трамп, тој истакна дека САД имаат моќ да го приближат крајот на војната.
„Дневниот ред на нашата средба е многу значајна. Ова навистина може да го приближи крајот на војната. Правиме сè за да се осигураме дека и другите во светот се на иста страна со нас во оваа работа“, изјави Володимир Зеленски – претседател на Украина
Трамп тврди дека Киев има намера да тргне во офанзива, а одлуката ќе ја донесе по средбата. Додаде дека Путин може да постигне мировен договор со Украина.
„Тие сакаат да преминат во офанзива. Јас ќе донесам одлука за тоа, но тие сакаат офанзива. Сè што сакаме од претседателот Путин е да го запре ова, да престане да ги убива Украинците и да престане да ги убива Русите. Тоа е војна што требаше да ја добие за една недела, а сега влегува во својата четврта година. Тоа не го прави да изгледа добро, Но тој би можел да постигне договор“, изјави Доналд Трамп – претседател на САД.
Рускиот шеф на дипломатијата Лавров предупредува-испораката на Томахавк ракети е многу опасен чекор и ќе предизвика огромна штета на односите со Вашингтон. Додека Москва предупредува и го обвинува Западот дека сака да го направи украинскиот конфликт-војна на Трамп, Германија најави помош од 2 милијарди евра и план за модернизација на веќе испорачано оружје за Киев.
„Можете да сметате на Германија. Ќе продолжиме и ќе ја прошириме нашата поддршка за Украина. Со нови договори, Германија ќе обезбеди дополнителна поддршка во износ од над 2 милијарди евра. Ова ќе вклучува пакет на Приоритетната листа на барања за Украина во вкупен износ од 500 милиони американски долари, обезбедувајќи системи за воздушна одбрана, пресретнувачи „Патриот“, радарски системи и прецизно водена артилерија, ракети и муниција“, изјави Борис Писториус – министер за одбрана на Германија.
Естонија, Финска, Литванија и Шведска рекоа дека исто така ќе учествуваат во иницијативата за финансирање.
Бојана Крстевски
