Сиљановска-Давкова бара креативно решение за деблокада на интеграцијата
Приемот на земјите од Западниот Балкан во блокот не е само прашање на проширувањето, туку ги засега безбедноста и стабилноста на Европа, ова го истакнала претседателката Сиљановска – Давкова на средната со шефицата на Европската комисија, Урсула Фон дер Лајен во Скопје.

ЕУ да најде излезно креативно решение за деблокада на македонските интеграции. Приемот на земјите од Западниот Балкан во блокот не е само прашање на проширувањето, туку ги засега безбедноста и стабилноста на Европа, ова го истакнала претседателката Сиљановска – Давкова на средната со шефицата на Европската комисија, Урсула Фон дер Лајен во Скопје.
„Иницијативата за реформирање на процесот на одлучување во ЕУ, што би ги опфатило и прашањата поврзани со проширувањето на Унијата, односно воведувањето на гласање со квалификувано мнозинство, би било храбра одлука, што ќе доведе до евроинтеграциски исчекор“, вели претседателката Сиљановска-Давкова.
Претседателката предупредила на опасноста од повторување на преседанот со билатерализацијата на македонскиот процес на интеграција надвор од копенхашките критериуми, не само во регионот, туку и пошироко. Но, Фон дер Лајен и во Скопје ја повтори веќе познатата порака за уставни измени.
„Вашиот следен и единствен чекор пред отворањето на преговорите е јасен, а тоа е да ги направите уставните измени. Топката е во вашиот двор. ЕУ е подготвена“, нагласи Фон дер Лајен.
Сепак, претседателката на Европската комисија ја нагласила јасната волја кај сите 27 земји-членки на ЕУ за забрзано интегрирање на балканот во Унијата.
Ирина Гелевска
