Хамас има проблем со предавањето на телата
Хамас ги врати телата на уште двајца заложници, но групата бара време и опрема за да ги предаде преостанатите. Оправдувањето е дека не можат да ги најдат поради урнатините во Газа. Американскиот претседател Трамп изјави дека израелските сили може да продолжат со борбите доколку Хамас не го почитува договорот …

Хамас предаде останки на уште двајца израелски заложници кои веќе се идентификувани, но соопшти дека во моментов не е во можност да ги врати сите тела. Групата бара време и опрема за пронаоѓање на преостанатите. Според договорот за прекин на огнот, исламистичката група е должна да предаде вкупно 28 тела.
„за преостанатите тела на затворениците се потребни значителни напори и специјална опрема за нивно пребарување и преземање, а ние вложуваме големи напори за да го затвориме ова досие“, се наведува во соопштението на Хамас.
Непредавањето на преостанатите тела предизвика стравувања за стабилноста на кревкото примирје. Израел предупреди дека мировниот план нема да напредува додека не ги добие сите посмртни останки и се закани дека подготвува план за пораз на Хамас ако договорот пропадне.
И Трамп предупреди – борбите може да продолжат ако Хамас не ги почитува условите.
„Хамас бара посмртни останки од мртвите заложници и ги пребарува урнатините на зградите уништени од израелското бомбардирање и тунелите под улиците на газа. Ги имаме сите заложници вратени живи. Тоа е ужасен процес. Има области каде што копаат и наоѓаат многу тела. Тие мора да ги отстранат урнатините“, изјави Трамп.
Воен персонал од Индонезија, Азербејџан и Пакистан се главните кандидати за учество во идните стабилизациски сили во Појасот Газа. САД испратија 200 војници во Израел за да помогнат во координирањето на напорите за одржување на прекинот на огнот и стабилизирање на енклавата.
Катерина Бојаџиева
