Урната спомен-куќата на Владо Малески
По уривањето на спомен куќата на Владо Малески во срцето на Струга, инспекциските служби го затворија градилиштето. Постои опасност да се сруши и куќата лепенка, познатата Галерија на Коџоман. Вешти лица и инспектори од Управата за заштита ќе ги утврдуваат штетите врз вредното заштитеното културно наследство...

Откако при изведување градежни работи, вчера беше срушена старата струшка куќа, инспекциите го затворија градилиштето. При уривање на соседен објект, инвеститорот направил оштетување на темелот при што се урна источен калкански ѕид и кровот на Спомен куќата на Владо Малески во срцето на Струга. Вешти лица и инспектори од Управата за заштита ќе ги утврдуваат штетите врз вредното заштитеното културно наследство.
„Претходно, заради изградба на тој приватен објект, побарани се и одобрени се заштитно-конзерваторски услови од Управата за заштита на културно наследство, во кои се наведени мерки на заштита, што треба, што не треба да се прави во новиот објект. Таму постоеше објект, потребно беше според условите да се отстрани и да се изгради нов објект со исти карактеристики на староградска струшка куќа“, вели Горан Патчев - директор на Завод и музеј.
Оштетувања има и врз галеријата на Коџоман, која е лепенка и постои опасност да биде срушена. Надлежните издадоа решение итно да се заштитат вредните слики. Соседите вознемирени бараат итна реакција за да се спречат штети и врз околните куќи.
„Не е во ред да остани вака долго време, затоа замолувам, барем мојата страна, ако нешто се прекини работава, овој дел да се намести нешто, да немаме од штета, друга штета...“, вели Фатос Бајрами - сосед.
„Мерки секако дека треба да се преземат и дека одговорност мора да има. Меѓутоа, тоа им го оставаме на институциите и на некои што се надлежни да ги водат овие процеси“, вели Никола Кукунешоски - директор на Струшки вечери на поезијата.
Од старата струшка куќа ремек-дело на автентичната архитектура од 19 век, нема спомен, низ рушевините наѕираат струшките носии и етнолошката поставка.
Министерството за култура остро реагира, на секое неодговорно и несовесно постапување што доведува до оштетување на заштитени објекти, и апелира до сите инвеститори и граѓани да се придржуваат кон законските процедури, стои во реакцијата од министерството.
Соња Рилковска
