Закажана главната расправа за судењето за пожарот во дискотеката „Пулс“
На 19-ти ноември почнува судскиот процес за трагедијата во кочанската дискотека на смртта. Ќе се суди во големата судница во затворот Идризово. Предметот е во рацете на судијката Диана Груевска – Илиевска...

Правдата доби датум, но треба да добие и епилог. На 19 ноември, 34-ца за пожарот во кочанската дискотека, седнуваат на обвинителна клупа. Ќе им се суди за тешка дела против општата сигурност. Дополнително, со обвинението се опфатени и три фирми. Судењето е закажано во судницата во Идризово, а со советот ќе претседава судијката Диана Груевска Илиевска. За втор судија е назначен Ахмет Идризи. Од Кривичниот суд појаснуваат дека две судијки претходно се изземени од постапување.
„Информираме дека покрај судиите кои се изземаа од постапување пред оцена на обвинителниот акт, дополнително и судиите Тамара Витларова – Смилевска и Илина Смичковска – Илиевска се изземаа од постапување по предметот заради исполнување на Законските одредби односно лично познанство со дел од оштетените“, стои во соопштението од Кривичен суд.
Семејствата на трагично починатите во пожарот информираа дека по добивање на датумот за старт на процесот секојдневните блокади ќе бидат привремено прекинати, но маршевите ќе продолжат секоја сабота, како симбол на нивната упорност и борбата за вистина. Очекуваат фер, транспарентен и непристрасен процес.
Во пожарот кој избувна во кочанската дискотека на 16-ти март, починаа 63 лица. Сè уште трае истрагата на обвинителството за полициските службеници.
Анита Димитријевска – Велковска
