Расте притисокот за крај на војната во Украина
Зеленски денеска на средба во Белата куќа со Трамп, главна тема проектилите со долг дострел. Американскиот претседател претходно телефонски разговараше со рускиот колега Путин. Договорен е нов состанок во Унгарија …
Се интензивираат напорите за крај на војната во Украина. Трамп денеска е домаќин на Зеленски во Вашингтон. Ќе се разговара за можноста САД да испратат ракети „Томахавк“ во Украина, кои земјата би ги користела на бојното поле. Претходно, шефот на Белата Куќа објави дека разговарал телефонски со Путин и договориле нова средба во Будимпешта.
„Би рекол во рок од две недели. Доста брзо. Марко Рубио ќе се сретне со својот колега, како што знаете, Лавров. Ќе закажат време и место многу наскоро. Можеби веќе е договорено, тие веќе разговарале. Ќе бидам внимателен со претседателот Путин. И ќе донесеме одлука“, изјави Доналд Трамп, претседател на САД.
Кремљ ја потврди средбата Путин – Трамп во Унгарија.
„Разговорот беше долг, траеше речиси два и пол часа. Беше очигледно многу информативен, но исто така и многу искрен и доверлив. Нашиот претседател го започна разговорот честитајќи му на Доналд Трамп за успехот на неговите напори за нормализирање на ситуацијата во Појасот Газа“, рече Јуриј Ушаков, советник за надворешни работи на рускиот претседател.
Москва неколкупати потенцираше дека испораката на „Томахавк“ во Киев ќе ги наруши мировниот процес и американско-руските односи. Експертите сметаат дека дури и ако САД одлучат да и продадат ракети со долг дострел на Украина, ќе бидат потребни години за обука и логистичка поддршка за нивна реална употреба.
„Томахоковите, дури и ако не се одлучувачки за Украина, ќе испратат важен сигнал. Тие ја демонстрираат посветеноста на САД да ја поддржат Украина и демократијата во оваа ужасна борба против автократска, реваншистичка нова империја. Секогаш е важно да се преговара и да се разговара“, вели Марија Снеговаја, Центар за стратешки и меѓународни студии, виш соработник за Русија и Евроазија.
Во меѓувреме, Вашингтон подготви законско решение што предвидува високи царини за земји кои купуваат руска нафта, гас, ураниум и други производи како обид да се ослаби руската економија.
Маријана Димовска
