Евроинтеграциите повторно блокирани
Македонија повторно без датум за почеток на преговорите со ЕУ

Аналитичарите имаат поделени мислења дали одговорност за застојот треба да се бара во Атина, Брисел или дома. Очекувањата од министерскиот совет во Брисел в петок се дека евроинтеграциите на Македонија повторно ќе бидат одложени. За амбасадорот Ристо Никовски Македонија нема никаква одговорност иако, како што вели, може да си префрламе себеси дека не го направивме ова или тоа. Според него се работи за една политика, една блокада и уцена кон Македонија , прво името па потоа членство.
,, Република Македонија се наоѓа пред политичка и силеџиска блокада и уцена, а основата е да се прекрсти македонскиот народ. Такво нешто никој нормален во државава нема да прифати“ вели Никовски.
Никовски оцени, ова е петто последователно неприфаќање на предлогот од Еврокомисијата што покажува дека Брисел не е подготвен да ја менува својата политика, па сега ние сме на потег.
,, Мислам дека веднаш по завршувањето на Европскиот совет Македонија треба да поведе нова постапка пред Меѓународниот Суд на Правдата во Хаг бидејќи пресудата за НАТО треба да се дуплира и со пресуда за блокадата во ЕУ. Се работи за ново спречување на Македонија и ново прекршување на времената спогодба. Пресудата од Хаг е нашето најсилно орудие.Треба и да се обратиме до Генералниот секретар на ОН со известување дека медијацијата се потрошила, се покажала неуспешна па да побараме од Советот за безбедност признавање на уставното име. Ќе образложиме дека причините кои ги наведуваше Грција дека Македонија е безбедносна закана и има територијални претензии се лажни зашто во сиве изминати 20 години немаше никаков безбедносен инцидент,“ изјави Никовски.
За поранешниот шеф на дипломатијата Денко Малески многу е важно како ќе ја дочекаме одлуката која е сосема извесна.
,, Доколку почнеме со некаква политичка игра на обвинување кој е виновен за се ова, а не се свртиме кон барање излез од ситуацијата, надворешните одлуки што деновиве ќе се носат во Брисел ќе почнат да се прекршуваат внатре, дома создавајќи прилично конфликтна атмосфера меѓу политичките партии “ вели Малески.
Анализа на Лидија Чакар
