воен конфликт

Денеска средба Трамп-Зеленски во Белата куќа, расте притисокот за крај на војната во Украина

17.10.2025 15:51

Расте притисокот за крај на војната во Украина. Зеленски денеска на средба во Белата куќа со Трамп, главна тема проектилите со долг дострел.Американскиот претседател претходно телефонски разговараше со рускиот колега Путин.Договорен е нов состанок во Унгарија …

Се интензивираат напорите за крај на војната во Украина. Зеленски во Вашингтон на средба со шефот на Белата Куќа. На состанокот му претходеше телефонски разговор меѓу американскиот претседател и неговиот руски колега Путин, во кој е договорена нова средба во Будимпешта.

„Ако барате безбедно место во однос на мирот и сакате работите технички да бидат во ред, а да не бидете изненадени од политичките случувања, тогаш Будимпешта се чини дека е логичен избор“, изјави Виктор Орбан, премиер на Унгарија.

И додека Зеленски бара оружје со долг дострел и системи за воздушна одбрана, Москва неколкупати потенцираше дека испораката на „Томахавк“ во Киев ќе ги наруши мировниот процес и американско-руските односи.

„Владимир Путин ја повтори својата теза дека „Томахавк“ нема да ја промени ситуацијата на бојното поле, но ќе нанесат значителна штета на односите меѓу нашите земји, и на перспективите за мирно решавање на проблемот“, изјави Јуриј Ушаков, советник за надворешни работи на рускиот претседател.

Експертите велат дека и покрај дипломатскиот притисок, целите на Москва остануваат непроменети.

„Сè уште не сме виделе засилување на санкциите кон Русија, а тоа значи дека ослабуваат и Москва наоѓа нови начини да ги заобиколи. Ова е реалноста. Трамп се пофали дека имал успешен повик со Путин за друга средба што претстои, сугерирајќи дека веројатно ќе ги врати напорите за постигнување некаков дипломатски пробив. Тоа е жално бидејќи целите на Путин во голема мера остануваат непроменети“, изјави Марија Снеговаја, Центар за стратешки и меѓународни студии, виш соработник за Русија и Евроазија.

На фронтот жестоки битки, нападите продолжуваат со несмалено темпо.

Маријана Димовска