В недела е гласањето, МВР ќе користи дронови за безбедни избори
МВР ја гарантира безбедноста на граѓаните и спроведувањето фер и демократски локални избори. В недела покрај стандардните материјално-технички средства, мобилни тимови, ќе се користат и дронови за воздушна контрола со цел побрза реакција и преземање соодветни мерки и активности во случај на евентуални инциденти.

Министерството за внатрешни работи в недела, на денот на одржувањето на првиот круг од локалните избори, во близина до избирачките места и на клучните сообраќајни точки ќе постави полициски службеници, со цел зголемена ефикасност и навремено откривање на можни нарушувања на јавниот ред и мир. Во пресрет на изборите се преземаат сите потребни мерки за непречено и безбедно спроведување на изборниот процес, потенцираат од МВР.
„Безбедноста на граѓаните ќе биде гарантирана со стандардните материјално-технички средства, мобилни тимови и пунктовско работење, а ќе се користи и современа технологија-дронови за воздушна контрола со цел побрза реакција и преземање на соодветни мерки и активности во случај на инциденти“, изјави Гоце Андреевски – помошник-министер за односи со јавност во МВР.
МВР апелира до граѓаните и до политичките партии, да придонесат за мирна и демократска атмосфера, да ги почитуваат упатствата на полициските службеници и да се воздржат од какви било активности кои би можеле да го нарушат изборниот процес. Полицијата ќе биде присутна на сите гласачки места. Задолжена е и за безбедноста на претставниците на избирачките тела, на набљудувачките мисии и на политичките партии, Избирачкиот одбор може да ја повика полицијата во просторијата каде што се гласа доколку процени дека има потреба за тоа. Од Министерството потенцираат дека во текот на изборниот ден, јавноста континуирано ќе биде информирана за одвивањето на изборниот процес.
Милчо Велески
