Активности на ВМРО-ДПМНЕ во Аеродром и Гази Баба
Безбедни училишта и градинки, паркови полни со зеленило и радост, спортски сали, културни центри, можности за образование и работа вети Дејан Митески, кандидат за градоначалник на Аеродром од редовите на ВМРО-ДПМНЕ. Нови детски градинки во Керамидница, Хиподром 2 и Сингелиќ, училишни спортски сали, вети кандидатот за градоначалник на Гази Баба, Бобан Стефковски...

Ќе имаме безбедни училишта и градинки, паркови полни со зеленило и радост, спортски сали, културни центри, можности за образование, работа и простор сите да ги реализираат своите идеи – рече пред жителите на Аеродром кандидатот за градоначалник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Дејан Митески. Градиме училиште, градинка и спортска сала нешто што не се случило никогаш претходно. Во секоја населба од Мичурин до Долно Лисиче, предвидуваме нови инвестиции во инфраструктурата, културата, образованието и спортот.
„Во програмата се испишани реални проекти кои ќе го продолжат развојот во сите населени места низ општина Гази Баба. Во следните четири години: ќе изградиме нови детски градинки во Керамидница, Хиподром 2 и Сингелиќ, ќе го реализираме проектот нула комуналии за изградба на куќи за млади брачни парови до 29 години“, вети пред жителите на Гази Баба кандидатот за градоначалник, Бобан Стефковски.
Решавање на Вардариште со правење на мега екопарк, но и поврзување на општините Аеродром и Гази Баба, вети кандидатот за градоначалник на Скопје, Орце Ѓорѓиевски.
Овие избори се, всушност, да се одбере вистинската страна, да се направи вистинскиот избор кој ќе донесе ред, работа и проекти. Ова се избори за вашето маало, вашата улица, на кои се избира твојот човек, но и избори со кои се праќа порака до политичарите кои како сидро премногу долго ја влечеа надолу државата, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Ние имаме програма, со рокови и проекти, СДСМ има демагогија, трикови и подземни коалиции. СДСМ е партија со многу проблеми, расцепкани се на стотина фрагменти, затоа што раководството на партијата гледа како на компанија и инвестиција што треба да се чува затворена-вели Мицкоски.
Мицкоски со порака до Филипче. Буџетскиот дефицит не е 1 милијарда и 400 милиони евра, туку е повеќе од двојно помал, односно 600 милиони. Тоа е, рече Мицкоски, најмалку за два пати помал од тоа што СДСМ го остави.
Миле А. Ристески
