Редовен јавен превоз, безбедни патишта, скратено време на патување, вети Шукова
Изборниот караван на СДСМ и коалицијата беше меѓу граѓаните во Илинден, Петровец, Шуто Оризари, Бутел и во Чучер Сандево. На овие избори изберете пред сè луѓе кои сакате да ве претставуваат, чесни, кои ќе го исполнат ветеното и кои ќе ви служат пред сè вам, граѓаните, порача претседателот на СДСМ, Венко Филипче, од трибината во Бутел...

Потребен ни е еден мандат да покажеме што значи чиста и организирана општина, рече пред жителите на Бутел, Оливера Ливриниќ, кандидатка на СДСМ за градоначалничка на Бутел. Таа доколку ја добие довербата, вети општина со врвни услуги, отчетна и одговорна кон сите граѓани. „Бутел ќе биде општина со ред, инфраструктура и хуманост“, рече Ливриниќ.
Кандидатката за градоначалничка на Скопје, Каја Шукова, рече дека е свесна за предизвиците, но ќе направи сè градот и Бутел да бидат поубави и позелени. Таа изјави дека знае оти многумина од жителите имаат проблем со водата за пиење, околу 60% од питката вода се губи во системот, дел поради стара инфраструктура, дел поради диви приклучоци и ненаменско користење. Шукова најави модернизација на мрежата, но и изградба на нови мостови, надвозник над булеварот „8 Септември“, клучка на булеварите Словенија – Никола Карев, како и нови булевари коишто ќе го поврзат Бутел со целиот град. Редовен јавен превоз, безбедни патишта, скратено време на патување, вети Шукова. Според неа, градоначалниците од редовите на ВМРО-ДПМНЕ ги запуштиле општините и не ги решиле проблемите.
Лидерот на СДСМ Филипче рече дека нивните кандидати се професионалци, луѓе со чест и интегритет кои го даваат својот збор пред граѓаните, а не пред партијата. Тој ја обвини власта дека лошите економски политики го осиромашила граѓаните, ги излажала пензионерите, ги оставила работниците без повисоки плати, а земјоделците без субвенции.
Филипче на митингот им порача на граѓаните дека, ако им е важна иднината на нивните деца, и ако веруваат дека Македонија има шанса и иднина, да изберат чесни луѓе и да им ја дадат поддршката на кандидатите за градоначалници и советници од СДСМ, бидејќи тие нема да ги изневерат.
Наташа Јанчиќ - Менковски
