Израелските власти објавија дека преминот Рафах во Газа повторно ќе биде отворен во недела
В недела се очекува да биде отворен граничниот премин Рафах за непречен влез на хуманитарната помош. Трамп потврди дека нема да испрати американски трупи во Газа. Хамас бара строга безбедносна заштита на енклавата. Тел Авив им наредил на одбранбени сили јасно да ја обележат границата на израелската воена контрола...

Преминот Рафах во Газа повторно ќе биде отворен во недела, објавија израелските власти. Отворањето на преминот е дел од американскиот план за мир, со кој Израел и Хамас се обврзаа да овозможат непречен влез на хуманитарна помош.
„Преминот Рафах веројатно ќе биде отворен во недела. Ги преземаме сите неопходни подготовки и договори. Се надевам дека тоа ќе се случи“, изјави Гидеон Саар, министер за надворешни работи на Израел.
„Ова е многу емотивно за сите нас, кои работевме за овој момент со месеци. Молевме да се добие овој пристап и овие конвои да се движат. Сакам да им се заблагодарам на сите оние кои работеа толку напорно за мировниот договор“, изјави Том Флечер, заменик-генерален секретар на ОН за хуманитарни прашања.
Претходно, американскиот претседател потврди дека нема да испрати американски трупи во Газа, по насилството на територијата и покрај примирјето.
„Направивме договор. Сега ќе видиме што ќе се случува. Тие се обврзаа и се надевам дека ќе го почитуваат договореното. Вратија посмртни останки, но тешка е ситуацијата. Ако не се однесуваат добро, ќе мора да се погрижиме за тоа“, изјави Доналд Трамп, претседател на САД.
Хамас вели дека многу од прашањата во планот на Трамп бараат понатамошна дискусија, додека медијаторите треба да обезбедат строга безбедносна заштита на енклавата.
„Палестина треба да ги зајакне внатрешните консултации за да спречи надворешно мешање. Управувањето со појасот мора да го водат Палестинците. Нема да дозволиме никакви надворешни сили да интервенираат“, изјави Хазем Касим, портпарол на Хамас.
Израел им наредил на одбранбени сили да постават физички маркери по должината на таканаречената „жолта линија“ во појасот кои јасно ќе ја обележат границата на израелската воена контрола и ќе послужат како предупредување до Хамас и жителите на Газа дека „секое кршење или обид за преминување на линијата ќе биде одговорено со оган“.
Катерина Бојаџиева
