Средба Трамп - Зеленски

Трамп: Време е да запре крвопролевањето и да се постигне мировен договор

18.10.2025 12:22

Американскиот претседател се надева дека војната во Украина ќе биде решена пред Киев да има потреба од ракетите „Томахавк“. Време е да запре крвопролевањето и да се постигне мировен договор, му порача Трамп на Зеленски по состанокот во Белата куќа. Истата порака му е упатена и на Путин...

Американскиот претседател се надева дека војната во Украина ќе биде решена пред Киев да има потреба од ракетите „Томахавк“. Време е да запре крвопролевањето и да се постигне мировен договор, му порача Трамп на Зеленски по состанокот во Белата куќа. Истата порака му е упатена и на Путин.

„Според мене, тие треба веднаш да ја запрат војната. Двете страни треба да си одат дома, кај своите семејства, да престанат со убивањето, и тоа треба да биде тоа. Застанете веднаш на борбената линија, му го кажав тоа на претседателот Зеленски, му го кажав и на претседателот Путин“, изјави Доналд Трамп, претседател на САД.

Украинскиот претседател го повтори ставот дека прво е потребен прекин на огнот, потенцирајќи дека во какви било разговори едно од најтешките прашања ќе биде територијата на Украина. Зеленски рече дека украинската и американската страна одлучиле засега да не зборуваат јавно за системите со долг дострел, додавајќи дека САД не сакаат ескалација.

„Мислам дека Русија се плаши од ракетите „Томахавк“, затоа што тоа е силно оружје. Тие знаат што имаме, со какво оружје располагаме, нашето производство, и тие ја разбираат комбинацијата со „Томахавк“. Затоа се плашат од оваа комбинација. Тие знаат што можеме да направиме“, истакна Володимир Зеленски, претседател на Украина.

Состанокот во САД следува по најавите за нова средба Трамп-Путин во Унгарија. Од европската комисија велат дека состанокот би бил добредојден, доколку придонесе за постигнување „праведен и траен мир“. Сепак меѓународниот кривичен суд побара да се активира налогот за апсење на шефот на Кремљ.

„Во изминатите три и пол години, не подлегнавме на притисокот да ја прекинеме нашата соработка, нашиот однос со Русија. Одбивме да се изолираме. Ќе го пречекаме претседателот Владимир Путин. Ќе го увериме дека може да влезе во Унгарија, да води успешни преговори тука, а потоа да се врати дома. Ние сме суверена земја и нема потреба од никакви консултации со никого за ова прашање“, изјави Петер Сијарто, министер за надворешни работи на Унгарија.

И покрај интензивните дипломатски напори, нападите продолжуваат со несмалено темпо. Цивилната инфраструктура во Украина одново на удар на руските проектили.

Маријана Димовска