Локални избори 2025

Во Охрид 230 болни и немоќни со право на глас, гласањето без проблеми

18.10.2025 16:43

Вкупно 230 болни и изнемоштени на избирачкиот список во општина Охрид. Граѓаните го користат правото на глас од дома. Екипата на МРТ денес беше на терен заедно со избирачките одбори во Стар град...

77-годишниот Наум Наумоски од Стар град, за прв пат гласаше од дома. Болеста го заробила во домот, ослепел на двете очи, но тоа не го спречи и не се откажа од демократското право на глас.

Поранешниот хемичар во „Застава“, утрово срдечно ги дочека претставниците на избирачкиот одбор, вели, секој треба да го искористи правото на глас.

„До минатите избори одев, сега не можам. Зашто сум 4 пати правен операција, на очите. Не можам да гледам на левото воопшто. Со десно не можам, само 1% да гледам. И со нозе не можам. Како прво, треба да се подобри за младината. Младите да бидат вработени“, вели Наум Наумоски, гласач од дома.

Избирачките одбори ги зедоа материјалите и тргнаа на терен. По направената идентификација, додека старите и болните го пополнуваа гласачкото ливче, членовите на избирачкиот одбор стоеја свртени со грб, за да им се даде можност за тајно гласање.

„Од добиени од список на гласање имавме пет изнемоштени и болни лица, коишто денеска имаат право на глас, и наша должност е, како избирачки одбор, да им го овозможиме тоа право, така да моментално сме во обиколка, односно посета на нивните домови, каде што тие извршуваат својата граѓанска должност“, вели Григор Ангеличин Жура, претседател на избирачкиот одбор на избирачкото место 1.249.

Екипата на МРТ денес беше на терен заедно со избирачките одбори во Стар град.

На денот пред изборите во Охрид право на глас имаат вкупно 230 стари, болни и изнемоштени лица, 36 затвореници и 9 лица сместени во старечки домови.

Соња Рилковска