Тековно се гласа во казнено поправните установи во Куманово
Тековно без проблеми се гласа во казнено поправната установа Затвор Куманово. Гласањето започнало навреме во 07 часот и во домот за стари лица. Нешто подоцна почна дистрибуцијата на избирачките материјали за лицата коишто гласаат во домашни услови...

Тековно, без проблеми се спроведува гласањето во казнено поправната установа Затвор Куманово. Овде право на глас имаат 116 осудени и притворени лица.
Од избирачкото место информираат гласањето започнало навреме.
„Гласањето почна во 07 часот наутро, тече нормално добро, запишани се 116 затвореници, досега 12 гласаа и се е во ред досега. Остануваме до 19 часот тука“, истакна Џемаил Бајрами, заменик-претседател избирачко место 1137.
Во Куманово денеска се гласа и во старскиот дом, вкупно 58 корисници. Правото на глас ќе го искористат и болни и немоќни лица во домашни услови. Но гласањето за нив почна нешто подоцна.
„Денеска имаме болни и немоќни заедно со затвор и старечки дом. Вкупно пријавени имаме 199 болни и немоќни од кои 166 се одобрени и сме во процес се подготвуваат кутиите и почнуваат да се делат за да се овозможи гласањето денеска“, изјави Кристина Цветковска, претседателка ОИК Куманово.
Куманово и годинава е општина со најголем број гласачи, вкупно право на глас на овие локални избори имаат 93.882 лице. Граѓаните ќе одлучуваат за еден од седумте кандидати за градоначалници, како и за 14 листи со кандидати за советници. Укинати се три избирачки места, па правото на глас ќе се остварува на 164 локации.
Елена Георгиевска
