Движењето „Без кралеви“ одржа нови масовни демонстрации низ САД
Под засилени безбедносни мерки, движењето „Без кралеви“ одржа нови масовни демонстрации низ САД. Стотици илјади граѓани излегоа на улиците против политиките на Трамп. Сојузниците на американскиот претседател ги обвинија демонстрантите за „омраза против Америка“. Неколку стотици луѓе, претежно американски иселеници протестираа и во поголемите европски градови …

Масовни протести во САД на движењето „Без кралеви“. Граѓани, од сите 50 сојузни држави излегоа на улиците против политиките на претседателот Трамп за имиграцијата, образованието, безбедноста. Организаторите велат дека политиката на ставање на милијардерите на прво место и милитаризацијата на американските градови ја туркаат земјата кон автократија.
„Никогаш во животот не сум била на протест, но ова ми се чини толку важно. Оваа нова администрација ме плаши. Сакам да се спротивставам, да го сопрам диктаторот.“
„Тоа што сега не нарекуваат терористи затоа што ги користиме нашите права од Првиот амандман, фактот што тој ги гони своите политички противници и стои без противник, тоа е мојот страв“, велат демонстранти од Калифорнија.
Републиканските гувернери во неколку држави ги ставија војниците на Националната гарда во состојба на готовност. Во Њујорк, хеликоптери и беспилотни летала ја набљудуваа толпата. Организаторите инсистираат дека демонстрациите биле мирни. Полицијата објави дека протестите завршиле без апсења.
„Лагите што доаѓаат од Вашингтон се зголемуваат. Целосното непочитување на Уставот е сега неверојатно и се зголемува секој ден. И тоа треба да ги загрижи сите“, изјави демонстрант од Њујорк.
„Денот без кралеви е одличен собир за луѓе од сите сфери, за луѓе кои се различни и се залагаат за една заедничка кауза: Америка, демократија, мир и правда. Затоа сме тука. И ако не ви се допаѓа, жал ми е“, вели демонстрантка од Њу Џерси.
Сојузниците на Трамп ги обвинија демонстрантите за врски со крајно левичарското движење Антифа, осудувајќи го, за како што велат „митинг на омраза против Америка“.
„Работите се влошија во нашата земја. Излегуваме на улиците. Ова не е митинг Ја Мразам Америка. Ова е митинг Сакај ја Америка“, нагласува демонстрантка од Мичиген.
„Ако има омраза, таа доаѓа од самата Бела куќа. И доаѓа од Доналд Трамп и неговата администрација“, вели демонстрантка од Мичиген.
Неколку стотици луѓе, претежно американски иселеници, се собраа и во поголемите европски градови. Во јуни годинава, се одржаа повеќе од 2.000 протести „Без кралеви“ на денот кога Трамп го прослави 79. роденден и одржа воена парада во Вашингтон.
Маријана Димовска
