Рурален туризам

Традиционална Охридска храна на „Охридска софра“ во Скребатно

30.08.2014 18:19

Во прекрасниот амбиент што може да го понуди околината на селото Sкребатно со цел да се афирмира руралниот туризам,денеска се одржа втората по ред манифестација „Oхридска софра“. Посетителите уживаа во традиционалната охридска храна, а вниманието беше насочено кон градоначалникот на Охрид кој го приготвуваше специјалитетот-јагула на охридски начин.

Градскиот татко на Охрид, Никола Бакрачески денеска ги засука ракавите и заедно со мајсторите за подготовка на традиционална охридска храна покажа дека ги знае и тајните на кулинарството. Тој приготви јагула на охридски начин, едно од најомилените јадења на граѓаните кои живеат долж охридското крајбрежје.

„Целта е уште еднаш да го промовираме руралниот туризам во Охрид, кое што во нашата стратегија за развој на туризмот во иднина ќе зазема значајно место.Анкетите кои ги спроведуваше локалната самоуправа во соработка со Факултетот за туризам покажуваат дека тоа го бараат странците,односно гостите кои што престојуваат во Охрид и дека тоа е она од кое што тие се најзадоволни“, рече Никола Бакрачески, градоначалник на Охрид.

Во рамките на манифестацијата „Охридска софра“ се одржа веќе традиционалната „Гомлезијада“,а свои специјалитети понудија и студентите од Факултетот за туризам и угостителство од Охрид.

„Не е ѓомлезе некое што се прави со јајца,со млеко или со јогурт,како што некои го прават.Ова е нормално ѓомлезе направено од брашно,вода и сол“, вели Крсте Џуклески

„Денеска сме дојдени во селото Скребатно за да се продолжи традицијатана приготвување на ѓомлезе“, вели Лојза Јанеска.

Прекрасниот амбиент што го нуди околината на црквата „Пресвета Богородица„ денеска привлече голем број љубители на храната,добрата капка,музиката,но и на природните убавини.

Покрај во традиционалните јадења од охридскиот регион присутните можеа да уживаат и во вкусовите на различни видови на сирења,домашен мед и градинарски продукти.

Сашо Нелоски