Израел возврати на нападите на југ и на север
Израелската војска почна „обновено спроведување на примирјето“ во согласност со условите на договорот, по размената на оган во Јужна Газа. Израелската влада потврди дека армијата нападнала цели во Рафах како одговор на „противтенковски проектил и оган“ истрелан кон нејзините трупи...

Прекинот на огнот во Газа на тест. Израелската војска почна „обновено спроведување на примирјето“ во согласност со условите на договорот, по размената на оган во Јужна Газа. Израелската влада потврди дека армијата нападнала цели во Рафах како одговор на „противтенковски проектил и оган“ истрелан кон нејзините трупи. Покрај нападите на југот, тензично и во северниот дел каде што се наоѓале складишта со оружје и командни пунктови на Хамас. Ликвидирани неколку вооружени палестински милитанти кои им се приближиле на израелските сили.
„Терористите испукаа противтенковски проектил и оган кон нашите трупи кои дејствуваат во областа Рафах. Војниците кои беа таму за да ја демонтираат терористичката инфраструктура, се во согласност со договорот за прекин на огнот. Израелските одбранбени сили напаѓаа во областа за да ја елиминираат заканата“, изјави Шош Бедросијан, портпаролка на израелската влада.
Хамас негира дека е поврзан со какви било судири во Рафах во јужна Газа. Американскиот претседател сугерира дека раководството на Хамас не било вклучено во смртоносниот напад, обвинувајќи ги бунтовниците одвнатре. Трамп вели дека очекува милитантната група да го предаде оружјето, во спротивно ќе преземе мерки, но не планира да испрати американски трупи во Газа.
„Ветија дека ќе се разоружат. Рекоа дека биле членови на банди, и слично. Знаете, ова се многу насилни луѓе. Ова е многу насилен дел од светот. Никој не видел насилство како ова. Ако треба, ќе ги разоружаме“, изјави Доналд Трамп, претседател на САД.
Во Израел, тимот на Трамп, Виткоф и Кушнер ќе разговараат за нова фаза од примирјето. Хамас ги врати останките на 10 од 28 починати заложници. Израел инсистира трлата да бидат предадени час поскоро, во спротивно, ќе преземе мерки за непочитување на договореното.
