На тест примирјето во Газа
По нападите на југ и на север, Израелската војска соопшти дека примирјето е повторно во сила и дека испораката на помош ќе продолжи. Израелската влада потврди дека армијата нападнала цели во Рафах по отворен оган кон нејзините трупи. Според Трамп, инцидентите биле испровоцирани од бунтовничките групи. Во Израел, американските претставници, Виткоф и Кушнер ќе разговараат за нова фаза од договорот од 20 точки за прекин на огнот...

Прекинот на огнот во Газа на тест. По нападите на југ и на север, Израелската војска соопшти дека примирјето е повторно во сила и дека испораката на помош ќе продолжи. Израелската влада потврди дека армијата нападнала цели во Рафах по отворен оган кон нејзините трупи. Во северниот дел нападнати складишта со оружје на Хамас, ликвидирани неколку вооружени палестински милитанти.
„Терористите испукаа противтенковски проектил и оган кон нашите трупи кои дејствуваат во областа Рафах. Војниците кои беа таму за да ја демонтираат терористичката инфраструктура, се во согласност со договорот за прекин на огнот. Израелските одбранбени сили напаѓаа во областа за да ја елиминираат заканата“, изјави портпаролка на израелската влада, Шош Бедросијан.
Хамас негира дека е поврзан со какви било судири. Израелската одбрана тврди дека е подготвена на секое сценарио.
„Војниците на Израелските одбранбени сили се должни да останат во состојба на висока готовност. Ние сме подготвени за секакво сценарио. Ние ќе продолжиме да дејствуваме со решителност за да ги заштитиме безбедносните интереси на државата Израел“, истакна Генерал-потполковник Ејал Замир, началник на Генералштабот на Израелските одбранбени сили.
Американскиот претседател уверува дека бунтовниците одвнатре ги предизвикале тензиите. Во Израел, тимот на Трамп, Виткоф и Кушнер ќе разговараат за нова фаза од примирјето.
„Сакаме да бидеме сигурни дека ќе биде мирно со Хамас. И како што знаете, тие беа доста бучни. Пукаа. И мислиме дека можеби раководството не е вклучено во тоа, најверојатно некои бунтовници внатре. Но, во секој случај, ќе биде правилно постапено. Ќе биде постапено строго, но правилно“, рече американскиот претседател, Доналд Трамп.
Хамас ги врати останките на 10 од 28 починати заложници. Израел инсистира телата да бидат предадени час поскоро, во спротивно, ќе преземе мерки за непочитување на договореното.
Маријана Димовска
