Локални избори 2025

ВМРО-ДПМНЕ победник во 53 општини, Ѓорѓиевски и Мециновиќ во втор круг за Град Скопје

20.10.2025 10:07

Орце Ѓорѓиевски од коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ и Амар Мециновиќ од Левица влегуваат во вториот круг од локалните избори за градоначалник на Град Скопје. Владејачката ВМРО-ДПМНЕ освои 53 општини, СДСМ осум. Меџити од ВРЕДИ прогласи победа во Чаир, Османи му честиташе. Локалните избори поминаа во фер и демократска атмосфера…

Државната изборна комисија доцна синоќа ги соопшти првичните резултати од локалните избори. Во првиот круг од гласањето коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ победи во 53 општини, СДСМ ја однесе победата во осум општини, ВРЕДИ има победа во девет, а НАИ во пет. Во дел од општини ќе има и втор круг гласање.

Во Град Скопје води кандидатот Орце Ѓорѓиевски од ВМРО-ДПМНЕ, а зад него е Амар Мециновиќ од Левица. Според првичните резултати, тие двајца во вториот круг ќе се борат за победа во главниот град.

Ова е триумф на народот, Македонија не избра партија, туку вредност и насока, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски. Вети дека убедливата победа на локалните избори е само почеток на новата македонска енергија.

Ова не е резултатот којшто го посакувавме, но земајќи ги в предвид околностите задоволен сум од исходот, рече лидерот на социјалдемократите, Филипче. Според него, има голем број на луѓе до кои допираат нивите пораки и за него ова е само почеток.

Отсега Левица е вистински лидер на опозицијата, истакна претседателот на партијата Апасиев, во обраќањето по првиот круг од локалните избори. Кандидатот Мециновиќ, кој влезе во вториот круг од трката за градоначалник за Град Скопје ги повика граѓаните да им се придружат.

ЗНАМ ќе биде победник во Куманово на овие избори, изјави кандидатот за градоначалник и лидер на партијата Димитриевски. Според него, повеќе од јасна е желбата на граѓаните за развој на градот.

Кандидатот за градоначалник за општина Чаир од ВРЕДИ, Изет Меџити, прогласи победа во првиот круг од изборите. ВРЕДИ е легитимен претставник и победник на овие избори, рече Меџити. Османи му ја честиташе победата на противкандидатот. Рече, дека доволно е долго во политиката за да ги препознае пораките испратени од граѓаните.

Според МВР, изборите поминаа во фер и демократска атмосфера, без посериозни инциденти или нарушување на јавниот ред и мир. Во 42 од пријавените случаи постапките веќе се завршени, а најголемиот дел од наодите не се потврдени.