Меџити ја доби довербата на граѓаните на Чаир, побара Ахмети да замине во политичка пензија
Кандидатот за градоначалник за општина Чаир од ВРЕДИ, Изет Меџити, прогласи победа во првиот круг од изборите. ВРЕДИ е легитимен претставник и победник на овие избори, рече Меџити. Османи му ја честиташе победата на противкандидатот…

Со убедливо водство Изет Меџити ја доби довербата на граѓаните на Чаир во првиот круг, каде се водеше и главната битка помеѓу албанската опозиција и албанската коалиција од власта.
ВРЕДИ извојуваа победа во сите општини каде нивните кандидати беа во трка за градоначалничкото место, а во првиот круг во Сарај, Арачиново, Теарце, Желино, Боговиње.
Со предност по бројот на гласови влегуваат во вториот круг во општините Тетово, Дебар, Брвеница, Долнени, а ќе го поддржат и независниот кандидат Менди Ќура во Струга. За ВРЕДИ оваа доверба е одговорност. Промената која започнала пред една година, а сега добила печат, ќе продолжи посилна, пофер и поблиску до народот, ветија тие.
Порака на Албанците според нив е јасна, дека Али Ахмети треба да замине во политичка пензија и неговото време на политичката сцена е завршено, а Меџити побара оставка од лидерот на албанската опозиција.
Јасна поддршка за нова, чесна и одговорна политика покажуваат резултатите од локалните избори, велат од Вреди.
Александра Велинова
