Локални избори 2025

Димитриевски очекува победа и во вториот круг

20.10.2025 16:35

Кандидатот за градоначалник на движењето ЗНАМ, Максим Димитриевски убедливата разлика на гласови ја прослави на градскиот плоштад. Очекува победа и во вториот круг. Тој се бори за трет мандат, а поддршка доби од ВМРО-ДПМНЕ.

„Движењето ЗНАМ ќе биде победник во вториот круг“, порача кандидатот за градоначалник на Куманово, Максим Димитриевски, славејќи го убедливото водство од десет илјади гласови над второпласираниот независниот кандидат Горан Стојковски-Диро.

„ЗНАМ ќе биде дефинитивно победник на претстојните избори на локално ниво, бидејќи повеќе од јасна е желбата на граѓаните дека препознаваат континуитет и развој на овој град и сакаат Куманово да се развива во тој дух. Листата на кандидати за советници на ЗНАМ во Општина Куманово извојува победа и доби најголем број на гласови, веднаш по нас е и листата на ВМРО-ДПМНЕ“, истакна Димитриевски.

Димитриевски е во трка за трет мандат со поддршката на коалицискиот партнер ВМРО-ДПМНЕ, кој немаше свој кандидат за градоначалник.

„Јас добив поддршка од сите граѓани на Куманово при тоа од сите претставници на етнички заедници во Куманово. Вклучувајќи ги и Албанците, Ромите, Турците, Властите, Србите сите етнички заедници. Каков и да е исходот сакам да апелирам да продолжиме со позитивните трендови за нашиот град“, дополни кандидатот на ЗНАМ.

Од ЗНАМ се задоволни од остварениот резултат.

Елена Георгиевска