Локални избори 2025

Филипче: Ова не е резултатот кој што го посакувавме, но задоволен сум од исходот

20.10.2025 17:09

Ова не е резултатот којшто го посакувавме, но земајќи ги в предвид околностите задоволен сум од исходот, рече лидерот на социјалдемократите Филипче. Според него, има голем број на луѓе до кои допираат нивите пораки и за него ова е само почеток.

СДСМ во првиот круг од локалните избори победи во три општини, тоа се Крива Паланка, Кривогаштани и Богданци. Лидерот на партијата Венко Филипче најпрвин упати честитка за добро организираниот изборен ден, кој мина мирно, а резултатот на неговата партија рече дека иако е непосакуван, сепак не е лош. Имаме некои одредени забелешки за изборниот процес. Тие забелешки ќе бидат поднесени до — ОБСЕ и Државната изборна комисија. И покрај оценката за добро организирани избори социјалдемократите велат дека се забележани случаи на злоупотреба на Избирачкиот список, обиди за изборен поткуп, директни закани и уцени, кршење на изборниот молк преку агитирање и нерегуларности при самото гласање.

Според пресметките на ДИК кандидатите за градоначалници од СДСМ влегуваат во вториот круг со предност во 8 општини, тука ги сметаат и оние за кои партијата веќе прогласи победа: Центар, Чучер Сандево, Крушево, Лозово Росоман, Кривогаштани, Крива Паланка, Богданци. Во 10-тина други општини кандидатите на СДСМ се второпласирани што би значело дека и за нив изборната трка продолжува. Филипче со ваквиот резултат на партијата вели нема да поднесе оставка бидејќи консолидирањето започнало и имаат дури и зголемување на гласовите споредбено со ланските парламентарни избори.

Ден по изборите СДСМ тврдат дека ВМРО-ДПМНЕ ги губеле гласовите односно дека имаат 30 процентен пад на гласачи. За себе велат СДСМ има изгубено само 18% од гласовите што, ако се земе предвид пониската излезеност речиси да нема загуба. Апелирам до граѓаните да излезат масовно на гласање во вториот круг. Важно е избраните градоначалници да имаат легитимитет од што поголем број на граѓани-рече на крај од обраќањето Венко Филипче.

Миле А. Ристески