Локални избори 2025

Најмирен изборен ден на локални избори досега, генерална оцена на аналитичарите

20.10.2025 13:52

Вчерашното гласање, најмирен изборен ден на едни локални избори од осамостојувањето на државата, генерална оцена на дел од аналитичарите. Во отворената програма на МТВ беше посочено дека ако овие локални избори беа тест за евентуални предвремени избори, извесно е дека до нив нема да дојде. Сепак, комплетната слика ќе биде откако ќе се сумираат гласовите за советничките листи, како најреална слика за расположението на гласачите …

Најмирен изборен ден на едни локални избори од осамостојувањето на државата, без посериозни нарушувања на изборниот процес и повреда на избирачкото право, првична оцена на дел од аналитичарите.

Во отворената програма на МТВ, дел од нив посочија дека ветувањата во кампањата треба да се реализираат, но и дека нивните анкети и прогнози, во најголем дел се покажале како точни.

Во кампањата преовладуваше политичката тензија меѓу власта и опозицијата, особено меѓу партиите во албанскиот блок. ВРЕДИ и ДУИ си поставија цел, победникот ќе земе сè, вели Ибрахим Мехмети.

Ако овие локални избори беа тест за евентуални предвремени избори, комплетната слика ќе биде многу појасна откако ќе се сумираат гласовите за советници, бидејќи тоа е најреална слика за расположението на гласачите.

Актуелната власт која има апсолутно мнозинство на државно, а сега и на локално ниво, сега треба повеќе да се фокусира на решавање на системски проблеми, согласни аналитичарите. Само така граѓаните ќе добијат она што го бараат, функционална локална самоуправа, но и држава.

Милчо Велески