Беспилотни летала уништија привремена база на украинската армија во Запорожје
Русија и Украина продолжуваат со меѓусебни напади со беспилотни летала. Нов пакет санкции против Русија се очекува да биде одобрен неделава. Шефицата за надворешна политика на ЕУ, Калас најавената средба Трамп – Путин во Унгарија, вели Русија може да биде принудена на мир само под притисок.

Војната во Украина не запира. Беспилотни летала уништија привремена база на украинската армија во Запорожје. Нападнати возови со опрема во регионот суми. Украински дронови пак, гранатираа два од најважните капацитети во руската нафтена и гасна индустрија. Шефицата за надворешна политика на ЕУ порача дека очекува 19-тиот пакет санкции за Москва да биде одобрен оваа недела. За договорената средба Трамп – Путин во Унгарија, Калас вели дека Русија може да биде принудена на мир само под притисок.
„Ќе видиме како ќе одат овие работи. Ние бевме многу цврсти и Русија преговара само кога е под притисок. Се надеваме дека и Трамп ќе го стори тоа. Мислам дека е важно претседателот Зеленски да се сретне и со Путин и да разговараат што можат да направат. Ако Америка има голема сила да изврши притисок врз Русија да седне на преговарачката маса и ако го искористи тоа, тогаш секако е добро ако Русија ја запре оваа војна“, изјави Каја Калас – шефица за надворешна политика на ЕУ.
Пред состанокот на европските министри за надворешни работи, дел од нив изразија загриженост во врска со евентуалното патување на рускиот претседател во Будимпешта, велејќи дека Путин не е добредојден во ниту еден европски главен град.
„Нема место за воени злосторници во Европа. Ние даваме силна поддршка на Украина и продолжуваме со нашиот континуиран притисок врз Русија. Единственото место за Путин во Европа е во Хаг, и ова е многу јасно“, изјави Кестутис Будрис -министер за надворешни работи на Литванија.
„Да бидеме јасни, присуството на Путин на европска територија има смисла само ако донесе итен прекин на огнот“, изјави Жан-Ноел Баро – министер за надворешни работи на Франција.
Американскиот претседател негира дека побарал од Зеленски да го отстапи целиот регион Донбас на Русија. Трамп предлага земјата да остане како што е сега и да се преговара.
„Никогаш не сме разговарале за тоа. Сметаме дека она што треба да го направат е едноставно да застанат на линиите каде што се на бојните линии. Вие имате бојна линија во моментов. Останатото е многу тешко за преговарање. Има толку многу различни пермутации. Значи, она што го велам е дека тие треба да застанат веднаш на бојните линии, да си одат дома, да престанат да убиваат луѓе и да завршат“, изјави Доналд Трамп -претседател на САД.
Зеленски изјави дека Украина „ништо нема да и даде на Русија ниту да заборави“, истовремено најавувајќи го зајакнувањето на одбранбената и енергетската соработка со меѓународните партнери.
Катерина Бојаџиева
