Локални избори 2025

Мицкоски: Македонија не избра партија, туку вредност и насока

20.10.2025 16:20

Ова е триумф на народот, Македонија не избра партија, туку вредност и насока, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски. Вети дека убедливата победа на локалните избори е само почеток на новата македонска енергија.

Водство во 53 општини и освоени над 30 градоначалнички места за ВМРО-ДПМНЕ во првиот круг од локалните избори во Македонија. Ветивме победа и ја остваривме, триумфираше верниот народ, истакна лидерот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Додаде дека на овие избори, Македонија не избра партија, туку насока. Оваа историска победа е почеток на новата македонска енергија, мирна, одлучна и праведна, истакна Мицкоски, ветувајќи уште посилна работа, додаде дека овие избори не се борба за фотелја, туку за чест и иднина. Во следните две недели, ќе одиме од човек до човек, не за да убедуваме, туку да потсетиме дека оваа држава е наша и никој нема право да ја врати назад, истакна Мицкоски.

Првото полувреме го добивме со огромна предност, а пред нас е вториот круг, во кој очекувам уште поголема поддршка, истакна кандидатот на владејачката партија за градоначалник на град Скопје, Орце Ѓеорѓиевски, кој освои околу 37% од гласовите. Скопје гласаше за работа и за конкретни проекти, а вашата доверба за мене претставува мотив и обврска, истакна Ѓеорѓиевски. Додаде дека фокусот на неговата кампања е на конкретни проекти, а не на политичките противници.

Промената што ја донесовме мора да се потврди. За Македонија конечно да застане на нозе, порачаа од ВМРО-ДПМНЕ.

 

Марија Котовска