воен конфликт

Русија и Украина продолжуваат со меѓусебни напади

20.10.2025 19:35

Русија и Украина продолжуваат со меѓусебни напади со беспилотни летала. Нов пакет санкции против Русија се очекува да биде одобрен неделава. Шефицата за надворешна политика на ЕУ Калас, за најавената средба Трамп – Путин во Унгарија, вели Русија може да биде принудена на мир само под притисок...

Војната во Украина не запира. Беспилотни летала уништија привремена база на украинската армија во Запорожје. Нападнати возови со опрема во регионот Суми. Украински дронови пак, гранатираа два од најважните капацитети во руската нафтена и гасна индустрија. Американскиот претседател негира дека побарал од Зеленски да го отстапи целиот регион Донбас на Русија. Трамп предлага земјата да остане како што е сега и да се преговара.

„Сметаме дека она што треба да го направат е едноставно да застанат каде што се, на бојните линии. Значи, она што го велам е дека тие треба да застанат веднаш на бојните линии, да си одат дома, да престанат да убиваат луѓе и да завршат“, изјави Доналд Трамп, претседател на САД.

Русија е сериозно ангажирана со САД за постигнување мировен договор во Украина-став на портпаролот на Кремљ.

„Гледаме многу контрадикторни изјави од Киев. Ова, се разбира, не придонесува за мировниот процес, напротив-го попречува. Ние ја продолжуваме нашата комуникација со Американците во овој случај. Се работи сериозно за решавање на проблемот“, изјави Дмитриј Песков, портпарол на Кремљ.

Украинскиот претседател објави дека разговарал со францускиот колега за вршење притисок врз Русија за прекин на војната. Најавена и средба во блиска иднина.

„Разговарав со претседателот Макрон. Сега е вистинскиот момент да се турка ситуацијата кон завршување на војната. Притисокот врз оној што ја започна војната е клучот за разрешница. Разговаравме за сите тековни дипломатски аспекти и нашите неодамнешни контакти со партнерите. Благодарен сум за поддршката. Се согласивме да се сретнеме во блиска иднина“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.

Шефицата за надворешна политика на ЕУ порача дека очекува 19-тиот пакет санкции за Москва да биде одобрен оваа недела. За договорената средба Трамп-Путин во Унгарија, Калас вели дека Русија може да биде принудена на мир само под притисок.

Катерина Бојаџиева