Локалните избори беа конкурентни – оценка на меѓународните набљудувачи
Кампањата беше конкурентна, а избирачите имаа широк избор на политички алтернативи, но локалните избори беа негативно засегнати од правни недостатоци и политичка поларизација – оценка на меѓународните набљудувачи за првиот изборен круг…

Денот на изборите беше мирен, иако беа забележани некои недостатоци во процедурите, како групно гласање и несоодветно мешање од страна на претставниците на кандидатите. Кампањата за локалните избори во Северна Македонија беше конкурентна, а избирачите имаа широк избор на политички алтернативи. Изборите беа негативно засегнати од системски правни празнини во надзорот на финансирањето на кампањата, како и од политичка поларизација и длабоко јавно разочарување со политиките, рекоа меѓународните набљудувачи од ОДИХР.
Жените сè уште се недоволно застапени во јавниот и политичкиот живот. Иако законот предвидува 40 отсто родова квота на кандидатските листи, само 32 од вкупно 309 кандидати за градоначалници беа жени, велат од набљудувачката мисија на ОДИХР.
Мониторингот на медиумите од страна на набљудувачката мисија покажа дека известувањето од страна на јавните радиодифузери беше генерално избалансирани.
Ирина Гелевска
