Украина

Трамп скептичен дека Киев ќе ја добие војната

21.10.2025 09:44

Се подготвува теренот за можна средба Трамп-Путин во Будимпешта, шефот на Белата куќа скептичен дека Украина ќе ја добие војната и ќе ги поврати териториите освоени од Русија...

Додека Москва и Вашингтон го подготвуваат теренот за можна средба Трамп-Путин во Будимпешта, шефот на Белата куќа скептичен дека Украина ќе ја добие војната и ќе ги поврати териториите освоени од Русија.

„Тие сè уште можат да ги освојат, но мислам дека нема. Никогаш не реков дека ќе ги освојат. Сè може да се случи, знаете, војната е многу чудна работа“, изјави Доналд Трамп – претседател на САД.

Европа предупредува дека мировните преговори кои го исклучуваат Киев се неубедливи. Замрзнувањето на конфликтот и отстапките кон Русија нема да донесат мир, туку ќе ја охрабрат агресијата и ќе го поткопаат меѓународното право – предупредува Брисел.

„Ако агресијата се исплати, таа служи како покана да се користи и на друго место“, изјави Каја Калас – висока претставничка на ЕУ.

Неизвесна испораката на ракетите Томахавк за Украина. Зеленски соопшти дека Киев работи со САД на добивање доволен број системи „Патриот“ како гаранција за безбедноста на земјата.

„Ова не е лесна задача, но е една од безбедносните гаранции за Украина и ќе функционира на долг рок“, изјави Володимир Зеленски – претседател на Украина.