Неизвесна средбата Трамп-Путин
Неизвесна средбата Трамп-Путин во Будимпешта. Несогласувањата околу завршувањето на војната во Украина се причини за евентуалното одложување. Реакција од Москва. Брисел не прифаќа средба на Трамп со Путин. Киев бара поголема воена поддршка. Русија со напади врз енергетските системи во Украина...

Планираната средба Трамп-Путин во Будимпешта останува неизвесна по одложувањето на состанокот меѓу нивните клучни помошници за надворешни работи Рубио и Лавров, кои требаше да ја подготват лидерската средба. Според медиумите, несогласувањата околу завршувањето на војната во Украина се причини за одложувањето, по што реагираа од Москва.
„Не можеме да одложиме нешто за кое не е договорено. Не го потврдивме она што некои западни извори го напишаа вчера. Идеја за ваков состанок постои, но, токму затоа што значењето на еден ваков настан е толку големо, тој бара подготовка“-нагласи рускиот заменик-министер за надворешни работи Сергеј Рјабков.
Шефот на Белата куќа претходно потврди дека е во процес на постигнување договор, изразувајќи скептичност дека Украина ќе ја добие војната и ќе ги поврати териториите освоени од Русија.
„Тие сè уште можат да ги освојат, но мислам дека нема. Никогаш не реков дека ќе ги освојат. Сè може да се случи, знаете, војната е многу чудна работа. Во процес сме на обид да постигнеме договор. Ако постигнеме договор, тоа е одлично. Ако не постигнеме договор, многу луѓе ќе платат висока цена“, изјави Доналд Трамп, претседател на САД.
Европа предупреди дека мировните преговори кои го исклучуваат Киев се неубедливи. Замрзнувањето на конфликтот и отстапките кон Русија нема да донесат мир, туку ќе ја охрабрат агресијата и ќе го поткопаат меѓународното право – предупредува Брисел.
„Ако агресијата се исплати, таа служи како покана да се користи и на друго место“, рече Каја Калас, висока претставничка на ЕУ.
„Кога ќе разговараат за судбината на Украина, Украинците треба да бидат на маса. Од моментот кога ќе разговараат за тоа што влијае врз безбедноста на Европејците, Европејците треба да бидат на маса. Тоа е сè што можам да кажам“, изјави Емануел Макрон, претседател на Франција.
Додека испораката на Томахавк ракетите останува неизвесна, Зеленски соопшти дека Киев работи со САД на добивање доволен број системи „Патриот“ како гаранција за безбедноста на земјата.
„Ова не е лесна задача, но е една од безбедносните гаранции за Украина и ќе функционира на долг рок“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.
Во истовреме, Русија продолжува со интензивните напади врз украинската енергетска мрежа наспроти зимата. Зеленски утре заминува за Брисел на самитот на Европскиот Совет на кој ќе се разговара за Украина и европската одбрана, а в петок во Лондон на состанокот на „Коалицијата на подготвените“.
Бојана Крстевски
