Украина

Нов бран руски напади врз украинската енергетска инфраструктура

21.10.2025 13:03

Русија со нов бран напади врз украинската енергетска инфраструктура – без струја делови од северна Украина, повредени во Харков. Киев возвраќа со дронови во руски Брјанск и Ростов. Во меѓувреме, средба Трамп – Путин останува неизвесна по одложувањето на состанокот Рубио – Лавров. Москва реагира – не се одложува нешто што не е договорено. Европа предупредува – нема мир без Киев на маса. Зеленски заминува на самити во Брисел и Лондон...

Русија продолжува со интензивните напади врз украинската енергетска мрежа наспроти зимата. Делови на северот од Украина без струја. Оштетени куќи и повредени во Харков.

„Сè започна околу полноќ. Имаше една експлозија, по една минута, уште една. По кратка пауза, следеа уште две. Беше бучно, прозорците се распрснаа, вратите исто така, едноставно сè се распарча“, изјави Марија, жителка на Харков.

Киев масовно одговара со беспилотни летала во руски Брјанск и Ростов-тврдат локалните власти. Додека Трамп се обидува да стави крај на војната, неговите надежи за брза средба со Путин во Будимпешта останаа неизвесни по одложувањето на состанокот меѓу нивните клучни помошници за надворешни работи Рубио и Лавров, кои требаше да ја подготват лидерската средба. Според медиумите, несогласувањата околу завршувањето на војната во Украина се причини за одложувањето, по што реагираа од Москва.

„Не можеме да одложиме нешто за кое не е договорено. Не го потврдивме она што некои западни извори го напишаа вчера. Идеја за ваков состанок постои, но, токму затоа што значењето на еден ваков настан е толку големо, тој бара подготовка“, нагласи рускиот заменик-министер за надворешни работи Сергеј Рјабков.

Шефот на Белата куќа претходно потврди дека е во процес на постигнување договор, изразувајќи скептичност дека Украина ќе ја добие војната и ќе ги поврати териториите освоени од Русија.

„Тие сè уште можат да ги освојат, но мислам дека нема. Никогаш не реков дека ќе ги освојат. Сè може да се случи, знаете, војната е многу чудна работа. Во процес сме на обид да постигнеме договор. Ако постигнеме договор, тоа е одлично. Ако не постигнеме договор, многу луѓе ќе платат висока цена“, изјави Доналд Трамп, претседател на САД.

Европа предупреди дека мировните преговори кои го исклучуваат Киев се неубедливи. Замрзнувањето на конфликтот и отстапките кон Русија нема да донесат мир, туку ќе ја охрабрат агресијата и ќе го поткопаат меѓународното право – предупредува Брисел.

„Ако агресијата се исплати, таа служи како покана да се користи и на друго место“, Каја Калас • висока претставничка на ЕУ.

„Кога ќе разговараат за судбината на Украина, Украинците треба да бидат на маса. Од моментот кога ќе разговараат за тоа што влијае врз безбедноста на Европејците, Европејците треба да бидат на маса. Тоа е сè што можам да кажам“, изјави францускиот претседател, Емануел Макрон.

Додека испораката на Томахавк ракетите останува неизвесна, Зеленски соопшти дека Киев работи со САД на добивање доволен број системи „Патриот“ како гаранција за безбедноста на земјата.

„Ова не е лесна задача, но е една од безбедносните гаранции за Украина и ќе функционира на долг рок“, рече Володимир Зеленски, претседател на Украина.

Зеленски утре заминува за Брисел на самитот на Европскиот Совет на кој ќе се разговара за Украина и европската одбрана, а в петок во Лондон на состанокот на „Коалицијата на подготвените“.

Бојана Крстевски