Блиски Исток

Продолжува кревкото примирје на Блискиот Исток, хуманитарната помош непречено се дистрибуира

21.10.2025 15:55

Додека САД се обидуваат да го зајакнат договорот, нови инциденти на жолтата линија. Најновото насилство го стави на тест кревкото примирје на Блискиот Исток што стапи во сила на 10 октомври. Хамас му предаде уште едно тело на Израел, додека хуманитарната помош непречено се дистрибуира. Трамп го предупреди Хамас да го почитува договорот или „ќе биде искоренет“. Повик пристигна и од обединетите нации. Дебата и во Европскиот парламент за неодамнешниот мировен договор за Блискиот исток и улогата на Европската унија. Нагласена цврстата поддршка за решение со двете држави...

Кревкото примирје на Блискиот Исток продолжува. Хамас му предаде уште едно тело на Израел, додека хуманитарната помош непречено се дистрибуира. По израелските напади викендов, во регионот пристигнува и американскиот потпретседател Венс на средба со Нетанјаху. Додека САД се обидуваат да го зајакнат договорот, нови инциденти на жолтата линија-убиени двајца милитанти кои отвориле оган врз израелските сили. Трамп го предупреди Хамас да го почитува договорот или „ќе биде искоренет“. Повик пристигна и од ОН.

„Имаме 59 земји кои се согласија со договорот. Имаме мир на Блискиот Исток за прв пат во историјата. Склучивме договор со Хамас дека ќе се однесуваат добро, ако не ќе бидат искоренети. И тие го знаат тоа. станаа многу бунтовни и правеа работи што не требаше да ги прават, ако продолжат тогаш ние ќе влеземе и ќе го средиме тоа. Ќе се случи многу брзо и насилно, за жал“, изјави Доналд Трамп, претседател на САД.

„Ги повикуваме сите страни да ги почитуваат обврските и да избегнуваат какви било дејствија што би можеле да доведат до обновување на непријателствата“, изјави Стефан Дужарик, портпарол на ОН.

Лидерот на Хамас вели дека се подготвени да ги најдат и да му ги предадат на Израел телата на преостанатите заложници кои биле држени во Газа, но за тоа е потребно повеќе време и тешка механизација.

„Подготвени сме да ги најдеме и да ги предадеме сите тела на заложниците во согласност со договорот и немаме желба никого да задржиме. Телата нека им бидат вратени на семејствата. И нашите маченици ќе бидат вратени и достоинствено погребани“, изјави Халил Ал-Хаја, лидер на Хамас.

Дебатата и во Европскиот парламент за неодамнешниот мировен договор за Блискиот Исток и улогата на ЕУ. Говорниците ја нагласија цврстата поддршка на Унијата за решение со двете држави.

„Европската унија останува непоколеблива во својата поддршка за решението со двете држави. Обезбедувањето јасен политички хоризонт за Палестинците не е само прашање на непосредна потреба, туку е клучно за успешно спроведување на мировниот план“, изјави Дубравка Шуица, комесар на ЕУ за медитеранот.

„Она што му е потребно на регионот сега е наш ангажман, а она што Европската унија мора да го понуди е обединета стратегија за Блискиот Исток. Треба да соработуваме со регионалните партнери за да ја зајакнеме и доставиме хуманитарната помош што е можно побрзо“, изјави Дејвид Макалистер, германски европратеник.

Најновото насилство го стави на тест кревкото примирје што стапи во сила на 10-ти октомври.

 

Катерина Бојаџиева