Пожар и драма во Тетово

18.12.2013 19:27

Бебињата и децата беа спасувани со дигалки на градежни компании

 Врзани со јажиња се изнесуваа на безбедно. Евакуацијата на сите што останаа заглавени во становите траеше со часови.

Огнот започнал во подрумот на осумкатницата во тетовската населба Блок 70 околу 13:30 часот. Чадот брзо се проширил по ходниците и становите и ги испаничил станарите кои не можеа да излезат од своите домови. Многумина од нив со децата в рака чекаа на прозорците и на балконите некој да им помогне.

Амбулантните возила постојано носеа повредени. Се уште не се знае точната бројка на станарите и пожарникарите кои беа пренесени в болница од последици од вдишување чад.

Драматичната евакуација во опожарената зграда вечерва привршува, паниката полека стивнува. Секое семејство се снаоѓа за преноќување кај роднини и пријатели.

Пожарникарите со боци кислород вршат проверки од стан во стан. Во тетовската Клиничка болница се уште се носат луѓе со проблеми во дишењето.

Увидот се најавува за утре. По него веројатно ќе бидат познати причините за пожарот во кулата 14.

Зоран Јовановски