Замрзнат имот на фирма осомничена за злоупотреби во РЕК
Откако на 9-ти октомври Јавното обвинителство Битола отвори истражна постапка за злоупотреби во РЕК, во која осомничени се 8 физички и едно правно лице, денес информираат дека на правното лице замрзнат му е имот во земјава и во Република Србија. Станува збор за движен и недвижен имот како и околу 30 милиони денари …

Замрзнат недвижен имот, возила и пари, во Србија и Македонија на осомничено лице за злоупотреби во РЕК Битола против кое беше поведена истрага на 9-ти октомври. Дополнително од српските власти побарано е да се обезбеди и отвори сеф, кој осомничениот го поседува во српска банка, за да се провери неговата содржина.
„Основното јавно обвинителство Битола, преку Канцеларијата за поврат на имот во Јавното обвинителство, упати итно барање до надлежните органи на Република Србија за замрзнување имот – 10 нови товарни и приклучни возила набавени во 2025 година за правно лице со седиште во Белград за кое е утврдено дека има сопственичка поврзаност со лице осомничено за злоупотреби во РЕК Битола“, стои во соопштението на Јавното обвинителство.
Исто така замрзнати се и околу 30 милиони денари од сметките на осомничениот и неговата фирма во државава, а побарана е и забрана за располагање со движен и недвижен имот.
Станува збор за три стана во Скопје, градежно неизградено земјиште и гаража, набавени во 2024 и три товарни и едно патнички возило набавени во 2025.
Имот кој во иднина може да биде предмет на конфискација поради сторени кривични дела опфатени со истрагата.
Ова следува откако Јавното обвинителство на 9-ти октомври отвори истражна постапка против 8 физички и едно правно лице за продолжени кривични дела поврзани со јавни набавки во РЕК Битола, за кои пред десетина дена на сопственикот на фирмата му беше определена мерка притвор.
Александра Максимовска
