Локални избори 2025

Ѓорѓиевски со голема предност влегува во вториот круг, вели веднаш ќе се фокусира на три приоритети

21.10.2025 16:54

Расчистување на ѓубрето на скопските улици за 72 часа, пуштање во функција околу 100 автобуси и довршување на веќе започнатите проекти, се трите приоритети на кои ќе се фокусира кандидатот за градоначалник на метрополата од ВМРО-ДПМНЕ...

Расчистување на ѓубрето на скопските улици за 72 часа, пуштање во функција околу 100 автобуси и довршување на веќе започнатите проекти, се трите приоритети на кои ќе се фокусира кандидатот за градоначалник на метрополата од ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски. Според него, најалармантна е состојбата со „Комуналната хигиена“, вели градот тоне во смет, а општините се принудени сами да се снаоѓаат со ангажирање на дополнителна механизација и помош од општествено одговорни компании.

На 3-ти ноември ден по вториот круг избори, граѓаните ќе бидат сведоци на голема акција со цел градот да блесне и да може нормално да се функционира, уверува Ѓоргиевски. Јавниот сообраќај е уште еден горлив проблем на скопјани, Ѓоргиевски ветува итен и сериозен пристап на решавање.

„Имаме околу 60 автобуси кои веднаш ќе бидат ставени во функција, на кои не им се потпишуваат лиценците, од за мене неразбирливи причини. Тоа се нови 60 автобуси, но и дополнително 40 можат да бидат адаптирани од постоечкиот возен парк. Веднаш да бидат достапни и да ги опслужуваат граѓаните. Тоа се 100 автобуси. Во март очекуваме и поддршка од Владата за набавка на нови 80, плус ќе воспоставиме систем“, вели Ѓорѓиевски.

Ѓорѓиевски вети дека веднаш ќе пристапи на довршување на проекти кои повеќе децении се градат, како на пример булеварот „Борис Трајковски“, мостот „Генерал Апостолски“ и мостот „Љубљанска“, секако и потегот околу Момин Поток. Кандидатот за градоначалник од владејачката ВМРО-ДПМНЕ оценува и дека потребна е реорганизација на голем број јавни претпријатија, особено од аспект на нивната нефункционалност. Како капитален проект во неговиот мандат доколку ја добие поддршката на скопјани е подземната сообраќајница „Лимак“.

„Лимак е еден од посериозен проект, мене најдраг. Тоа ќе биде првата подземна сообраќајница во Скопје. Со ребалансот очекувам конечно да се почне постапка за неговата реализација“, нагласува Ѓорѓиевски.

Скоро 40 проценти од гласачите на 19-ти октомври изразија доверба во програмата на кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ. На своето конто од близу 92.000 гласови, Ѓорѓиевски во вториот круг на локалните избори влегува со голема предност во трка пред кандидатот на Левица, Амар Мециновиќ. Ѓорѓиевски се заблагодари на поддршката и повика на поголема масовност на вториот круг локални избори.

Марина Стојанова-Тонева