Локални избори 2025

ВРЕДИ се оптимисти дека изборите ќе завршат во нивна полза и во вториот круг

21.10.2025 17:34

Сулејмани вели дека во општините сè уште граѓаните се жалат на елементарни проблеми и смета оти понудените решенија, гласачите ги препознале како вистински за подобар квалитет на нивниот живот.

По првиот круг, ВРЕДИ е победник на овие избори, вели портпаролот на изборниот штаб, Дритон Сулејмани. Оптимист е дека изборите ќе завршат во нивна полза и во вториот круг бидејќи, како што вели, секаде имаат убедливо водство.

„Актуелниот градоначалник на Тетово, Биљал Касами, веќе победи во првиот круг со скоро 4.000 гласа разлика и очекуваме сигурна победа во Општина Тетово. Оваа победа ја базираме на четиригодишната работа на претседателот Касами во Општина Тетово. Исто така заради добрата програма што тој ја има претставено пред граѓаните на Тетово“, вели Дритон Сулејмани-портпарол на изборен штаб на ВРЕДИ.

Сулејмани вели дека во општините сè уште граѓаните се жалат на елементарни проблеми и смета оти понудените решенија, гласачите ги препознале како вистински за подобар квалитет на нивниот живот.

„За жал, Боговиње ни избега за многу малку гласови, но ќе биде во втор круг. Во втор круг ќе бидеме и во Дебар, каде што сме фаворити и победници од првиот круг. И таму сметаме дека нашиот кандидат е голем фаворит за победа и сме сигурни дека ќе биде идниот градоначалник на Општина Дебар. Исто така во втор круг одиме и во Општина Долнени и таму мислиме дека формално ќе се одржи вториот круг“, додава Сулејмани.

Сулејмани е убеден дека и кандидатот кој го поддржале за градоначалник во Струга, Менди Ќура, ќе добие функција по 2-ри ноември.

Катерина Топалова