Блиски Исток

Хамас предаде две тела, останува да врати уште 13

22.10.2025 09:01

Истовремено, американскиот потпретседател Венс кој е во регионот за да го отвори патот кон втората етапа од договорот, изрази оптимизам но и предупредување до Хамас за тешки последици доколку го прекршат договорот...

Хамас му предаде на Израел уште две тела, соопштувајќи дека сè уште ги лоцира останатите 13 кои треба да бидат вратени. Истовремено, американскиот потпретседател Венс кој е во регионот за да го отвори патот кон втората етапа од договорот, изрази оптимизам но и предупредување до Хамас за тешки последици доколку го прекршат договорот. Посочи дека сè уште остануваат многу клучни прашања да бидат решени.

„Она што го видовме во изминатата недела ми дава голем оптимизам дека прекинот на огнот ќе се одржи. Фокусот е сега да се вратат телата, иако ова ќе потрае некое време сепак условите на планот од 20 точки се многу јасни. Хамас мора да се разоружа. Разговараме за тоа како да го поставиме безбедносниот и хуманитарен апарат за да го воспоставиме сето ова. Ако Хамас не соработува и не се придржува до договорот, тогаш, како што рече Трамп-ќе биде уништен и ќе се случат многу лоши работи“, изјави Џ.Д. Венс, потпретседател на САД.

Хамас соопшти дека остануваат посветени на договорот и покрај како што ги нарекоа „повторените прекршувања“ од страна на Израел, обвинувајќи го дека не ги почитува условите од примирјето одбивајќи отворање на граничниот премин Рафах.