Украина

Одложена средбата Трамп-Путин

22.10.2025 10:56

Одложена средбата Трамп-Путин, претходно најавувана за утре во Будимпешта. Русија не се откажува од војната. Москва инсистира на целосна контрола врз источниот регион Донбас. Зеленски подготвен за прекин на огнот, но ја обвини Русија дека не сака решение со дипломатија...

Експлозии, пожари, жртви и повредени – масовен ракетен напад низ Украина-Русија одговори на украинското гранатирање со „Сторм Шедоу“ ракети кои погодија хемиска фабрика во Брјанск. Оштетени згради во Киев, евакуации во Запорожје. Над четири области останаа без струја.

Нападот доаѓа во чувствителен момент на меѓународната сцена. Шефот на Белата куќа ги потврди откажаните планови за средбата со Путин. Не сака да губи време на бескорисен состанок. Посочи дека клучна точка на сопнување останува одбивањето на Москва да ги прекине борбите на фронтот.

„Не сакам да имам бескорисен состанок. Не сакам да губам време, па ќе видам што ќе се случи. Ги направивме сите овие одлични мировни договори, цврсти договори, секој еден од нив. И реков: Одете на борбената линија, на бојното поле, а потоа повлечете се и одете дома“, изјави Доналд Трамп-претседател на САД.

Од Кремљ велат не може да се зборува за одложување на нешто што не е договорено.

„Не можете да одложите нешто што не е дефинирано. Ниту Трамп ниту, Путин не дадоа прецизен временски рок“, изјави Дмитриј Песков – портпарол на Кремљ.

Од друга страна, Зеленски ја повтори подготвеноста на Украина за прекин на огнот, обвинувајќи ја Русија за незаинтересираност за дипломатија.

„Штом прашањето за можностите за долг дострел за Украина стана помалку итно, интересот на Русија за дипломатија автоматски исчезна. Ова сигнализира дека токму со оваа дискусија ја принудивме Русија да открие дека „Томахавките“ се картата што ја сфаќаат сериозно“, изјави Володимир Зеленски – претседател на Украина.

Додека војната трае поддршката за Украина ќе остане, мировниот процес зависи од Русија – истакна францускиот претседател Макрон во пресрет на состанокот на Коалицијата на подготвените в петок.

„Ако нешто се промени, единствениот прифатлив мир е оној што ќе биде цврст, траен и ќе гарантира безбедност. Тоа е она што го финализиравме во Европа во рамките на коалицијата на подготвените. Таа коалиција ќе се состане в петок, претседателот Зеленски, секако, ќе биде вклучен, со цел безбедносните гаранции да бидат подготвени. Потоа следи територијална преговарачка фаза, тие преговори може да ги води само Зеленски, никој друг. Украина ќе одлучува за себе и за својата територија, а Европејците – за себе и за својата безбедност“, изјави Емануел Макрон – претседател на Франција.

Додека европските земји работат со Украина на предлог од 12 точки за прекин на војната, американски функционери тврдат дека во „Нон-пејперот“ испратен од Русија до САД, Москва го повторила своето барање за целосна контрола врз регионот Донбас. Истовремено, Брисел настојува да искористи 204 милијарди долари руски средства за кредит за Украина.

 

Бојана Крстевски