Странските гости оставија белег на туристичката сезона во Струга
И покрај лошиот старт на летото, стружани задоволни од годинешната туристичка сезона. Oва лето беше во знак на странските гости, пред се холанѓаните, но,не беа малку и домашните туристи...

На скалата од еден до пет имавме 4 плус. Петката не ја достигнавме најмногу поради лошиот почеток на сезоната и неповолните временски услови. Вака туристичките работници ја оценуваат годинашната струшка летна сезона.
„Се поправи времето и имавме значително подобрување на ноќевања и гости од сите околни земји, од Холандија итн. Букирани сме и во текот на месецот Септември“, рече Крсте Блажески, потпретседател на ХОТАМ.
Странските гости, посебно Холанѓаните ја одбележаа оваа сезона. Но и домашните како да сфатија дека токму дома има потенцијал за убав одмор. Цените се многу по пристапни одошто во странство, гостопримливоста е надалеку прикажана, а за храната и да не говориме. Некако стана традиција да се спомнува веднаш по природните убавини. Затоа и бројот на туристи и од соседството постојано расте.
„Ние сме од Сараево и денес пристигнавме во Охрид а ќе ја посетиме и Струга. Јас сум по потекло од Прилеп а мојата сопруга е од Сараево и таму живееме. Охрид и Струга се дестинации кои редовно ги посетуваме а ни будат и спомени од минатото“, рече турист од Сараево.
„Македонија е богата земја со многу културни знаменитости и многу ни се допаѓа тоа но секако и Охридското езеро и неговите плажи“, вели турист од Чешка.
Хотелиерите се задоволни но за следната година веќе развиваат стратегија за што поголем број туристи. Освен стандардните содржини кои се нудат на Охридското крајбрежје, се бараат и алтернативни тури, кои ќе ги исполнат хотелите преку целата година.
„Главно имаме три сезони кои би ги поделил: летна, пролетна и есенска сезона кои исто така се исти сезони и една ниска сезона која е во зимскиот период во Декември, Јануари и Февруари месец каде што општо на целиот крај на Охридското крајбрежје треба да се работи на таа сезона како најслаба сезона. Имаме многу кружни тури, кружни балкански тури кои што последниве години се многу актуелни, така да, хотелските соби се исполнуваат на еден задоволителен процент“, рече Крсте Блажески, туристички работник.
Со сиве овие новини, напори и идеи, Струга е на добар пат да застане речиси рамо до рамо со многу попознатиот Охрид. Туристичките работници работат, им треба и институционална поддршка која засега ја добиваат од државата.
Струга засега нема поддршка од локалната самоуправа . Со нејзиното поголемо ангажирање во промоцијата на туризмот, корист ќе остварат и туристичките работници и граѓаните а и самата локална власт.
Јованчо Наумоски
