Кандидатите на СДСМ продолжуваат со кампањата
СДСМ ја продолжува својата кампања пред вториот круг од локалните избори и ќе се бори за 17 општини низ земјава. Покажавме дека имаме одлични кандидати на локалните избори кои ја добија довербата од граѓаните. Партијата повика, сите кои ја препознале чесната понуда на СДСМ масовно да излезат и во вториот круг...

На 2-ри ноември имаме избор дали ќе ја вратиме Општина Аеродром на патот на развојот или ќе се продолжи со стагнација како во изминатите четири години, рече кандидатот за градоначалник од СДСМ и коалицијата, Александар Трајановски.
Тој вели, имаат јасна визија и програма што предвидува нови детски градинки, уредени улици, зелени паркови, чист воздух, културно-спортски живот што ќе ја обедини заедницата, нова општинска зграда со градоначалник што ќе работи со и за граѓаните. Ова се ветувањата со кои Трајановски ја бара поддршката од аеродромци во вториот круг од локалните избори.
Имаме одлична кампања за програмата што ја пишувавме заедно со граѓаните во изминативе четири години, за разлика од некои противкандидати кои ја копираат, вели кандидатот за градоначалник на Центар од СДСМ, Горан Герасимовски, додавајќи дека со ова ја бара поддршката од граѓаните кои гласаа за него, но и од неопределените и од оние кои гласаа за други кандидати во првиот круг од локалните избори.
Тој вети дека доколку го изберат повторно за градоначалник на Центар, ќе подготви буџет за ветените проекти во програмата да се реализираат уште од јануари идната година. За најголемиот и највидлив проблем со отпадот во Центар, Герасимовски вели – се случува еколошка катастрофа. Екипи на Општина Центар собираат смет, но не можат да постигнат, проблемот ги засега сите во Центар, но и скопјани, и затоа е потребно што поскоро да се најде решение.
СДСМ ја продолжува својата кампања пред вториот круг од локалните избори и ќе се бори за 17 општини низ земјава. Покажавме дека имаме одлични кандидати на локалните избори кои ја добија довербата од граѓаните. Партијата повика, сите кои ја препознале чесната понуда на СДСМ масовно да излезат и во вториот круг и да ја дадат поддршката за нивните кандидати кои, како што велат, нудат реални програми и планови за реализација на ветеното.
„За разлика од кандидатите на ВМРО-ДПМНЕ, кандидатите на СДСМ работат во интерес на сите граѓани и не им служат на партиски или лични привилегии“, велат социјалдемократите.
Ирина Гелевска
