Локални избори 2025

Нови градинки, но и обезбедување во училиштата, ветуваат кандидатите за градоначалници на ЗНАМ

22.10.2025 16:43

Нови градинки во Куманово, а 24-часовно обезбедување на сите училишта во Општина Центар, ветуваат кандидатите за градоначалници од движењето ЗНАМ. За нив безбедноста на децата е приоритет, па ќе се работи и на уредување на инфраструктурата …

„Наместо родителите, општината ќе обезбеди средства за 24-часовно обезбедување на училиштата“, ветува кандидатот за градоначалник од движењето ЗНАМ во Центар, Мирослав Лабудовиќ. За него безбедноста на децата е приоритет, па ќе се работи и на инфраструктурата.

„Безбедноста на децата е наш највисок приоритет и ќе преземеме низа мерки за секое дете да биде безбедно и во училиштата и во дворот и на патот до дома. Затоа воведуваме и мерка за безбедни патеки до градинките, обележани, осветлени и целосно адаптирани за децата. Со ова ќе создадеме средина во која родителите ќе бидат спокојни а децата безгрижни и среќни. Безбедно дете значи спокојно семејство а тоа е темелот за модерен и одговорен центар“, истакна Мирослав Лабудовиќ, кандидат за градоначалник ЗНАМ за Општина Центар.

Во Куманово ЗНАМ ветува изградба на три градинки.

„Првата апликација за детска градинка во Зелен Рид, 3 милиони за Куманово. Почнува постапката и истата ќе биде завршена. По тој пример ќе ги завршиме и во Зелен Рид и во Бајрам Шабани. Нови плоштад на локација Чоробенско ќоше“, истакна кандидатот за градоначалник од ЗНАМ за Куманово, Максим Димитриевски.

Димитриевски потенцира реконструирани се 16 училишта, а најави и уредување на останатите, како и други нови проекти.

Елена Георгиевска