Трамп го одложи состанокот со Путин: Не сакам залудна средба, запрете ја војната и одете дома
Белата куќа не сака залудна средба, Кремљ тврди дека не била ниту договорена. „Виси“ состанокот Трамп – Путин во Будимпешта поради големите разлики околу мировните предлози на САД и Русија…

Шефот на Белата куќа потврди дека плановите за средбата со Путин се откажани. Не сака да губи време залудно. Клучна точка на сопнување останува одбивањето на Москва да ги прекине борбите на фронтот.
„Не сакам да имам бескорисен состанок. Не сакам да губам време, па ќе видам што ќе се случи. Ги направивме сите овие одлични мировни договори, цврсти договори, секој еден од нив. И реков: Одете на борбената линија, на бојното поле, а потоа повлечете се и одете дома“, изјави американскиот претседател Доналд Трамп.
За средба меѓу двајцата лидери е потребна темелна подготовка што бара време, велат од Кремљ.
„Никој не сака да губи време, ниту претседателот Трамп ниту претседателот Путин. Ова се двајца претседатели кои се навикнати да работат ефикасно со висока продуктивност. Но, ефективноста секогаш бара подготовка“, вели Дмитриј Песков, портпарол на Кремљ.
Дипломатијата мирува, војната продолжува. Експлозии, пожари, жртви и повредени – масовен ракетен напад низ Украина-Русија одговори на украинското гранатирање со „Сторм Шедоу“ ракети. Киев одново на удар. Зеленски ја повтори подготвеноста за прекин на огнот.
„Русија нѐ напаѓа секој ден. Секако, чекаме и се браниме со воздушнта одбрана, со хеликоптери, со Ф-16, но никогаш не е доволно. Русија не запира. Мораме заедно, сите ние европски партнери заедно со САД да извршиме притисок врз Путин“, нагласи Володимир Зеленски, претседател на Украина.
Додека Европските земји работат со Украина на предлог од 12 точки за прекин на војната, американски функционери тврдат дека во „нон-пејперот“ испратен од Русија до САД, Москва го повторила барањето за целосна контрола врз регионот Донбас.
Маријана Димовска
