Истрага за злоупотреби во прилепската болница, осомничени 32 лица
Долг е списокот на осомничени и сторени кривични дела во прилепската болница. Случајот што го истражуваше финансиската полиција влезе во судот и во обвинителството. За финансиска штета на болницата од околу 700.000 евра се води истрага за 32 лица и фирми. На шест лица им е определен притвор до 30 дена...

Во случајот со прилепската болница, судот им определи притвор до 30 дена на 6 лица, на 19 мерка за претпазливост, а на 7 фирми забрана за учество во постапки за јавни набавки. Од шесте лица четворица се од Болницата, дел од поранешното раководство, а две лица се надворешни.
Сите се осомничени за злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување договор за јавна набавка или јавно-приватно партнерство како и проневера во службата. Со пријавата на финансиската полиција се опфатени и дејствија на несовесно работење, злоупотреба на службената положба и овластување, фалсификување или уништување деловни книги и други кривични дела за дел од осомничените, кои обвинителството ги испитува.
Осомничените, меѓу кои поранешната директорка, раководители и други вработени на болницата, но и управители на осомничени правни лица го оштетиле буџетот на болницата за над 42 милиона и 700 000 денари. Сето, преку постапки за јавни набавки за сервис на моторни возила, чистење на работните простории, сервис на водоводна мрежа, молерофарбарски услуги, физичко обезбедување, реконструкција на инфективното одделение, односно преку неизвршување на договорните обврски и незаконски промени на налози за исплата.
Финансиската полиција пред 6 месеци почна да ја чешла состојбата во прилепската болница.
Елизабета Митреска
