Авиосообраќај

Николоски: Потпишавме меѓудржавен договор за авиосообраќај

23.10.2025 10:00

Министерот за транспорт Александар Николоски и Киер Метер, министер за воздухопловство, поморство и декарбонизација, во Лондон го потпишаа Договорот за редовен воздушен сообраќај помеѓу Македонија и Велика Британија...

Заменик претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски и Киер Метер, министер за воздухопловство, поморство и декарбонизација, во Лондон го потпишаа Договорот за редовен воздушен сообраќај помеѓу Македонија и Велика Британија.

Договорот ја отвора можноста за воспоставување на нови директни авиолинии меѓу двете земји, а со тоа и зголемување на бројот на туристи од Велика Британија.

Овој Договор се потпиша на иницијатива на Велика Британија и претставува нова правна рамка со која се уредуваат односите во делот на редовниот воздушен сообраќај помеѓу двете земји.

Како што истакнаа двајцата министри, преку Договорот се овозможува поголема слобода и флексибилност на авиокомпаниите, ефикасно работење и нови услуги, додека за патниците се овозможуваат подобри конекции, нови дестинации и конкурентни цени.

Вицепремиерот Николоски по потпишувањето потенцираше дека Македонија има огромен раст во авиосообраќајот во последната година и претставува сериозна конкурентна земја во регионот, а тоа се должи пред сè на спроведување на политиките на Владата за развој на цивилниот воздушен сообраќај. Додаде и дека домашните аеродроми имаат огромен потенцијал да опслужат нови авиокомпании и патници.

Со Договорот се уредува и интермодалниот превоз што е особено важен дел во карго транспортот, а исто така се постигнува и висок степен на заштита и безбедност на авиокомпаниите и патниците утврдени преку ИКАО стандардите.