Украина

Трамп воведе санкции за руски нафтени гиганти

23.10.2025 12:00

Американскиот претседател Трамп воведе санкции за Москва, за првпат во својот втор мандат. На удар два руски нафтени гиганти. Потегот има за цел да изврши поголем притисок врз Путин. Претходно и ЕУ го одобри 19. пакет санкции за Кремљ. Украинскиот претседател потенцира, подготвени сме за дипломатија, но не под услов да мора да се повлечеме од наша територија.

Се стега обрачот околу Москва. САД воведоа нови санкции за двете најголеми руски нафтени компании. И ЕУ го усвои 19. пакет санкции против Русија, што вклучува забрана за увоз на руски течен природен гас. Шефот на Белата Куќа побара земјите да запрат со купување руски енергенси со цел да се изврши економски притисок врз Кремљ. Објавата следува ден откако Трамп објави дека планираниот самит со Путин во Унгарија е одложен на неодредено време.

„Ја откажавме средбата со претседателот Путин. Едноставно не ми се чинеше како што треба. Не ми се чинеше дека ќе стигнеме до местото каде што треба да стигнеме. Затоа откажав, но ќе го направиме тоа во иднина. Тоа се масовни санкции за нафтата. Двете најголеми нафтени компании, меѓу најголемите во светот се руски. Тие прават многу нафта. И се надевам дека тој ќе стане разумен и се надевам дека и Зеленски ќе биде разумен, знаете, потребни се двајца за танго“, изјави Доналд Трамп, претседател на САД.

На средбата со генералниот секретар на НАТО, Руте, Трамп ја бранеше одлуката да не и обезбеди на Украина ракети „Томахавк“, потенцирајќи дека ќе биде потребно премногу време за обука на украинската војска.

„Она што претседателот го прави денес со овие санкции е да врши поголем притисок, се разбира, врз двете страни, во овој случај врз Русија. Сето тоа е за да се осигури дека Путин ја разбира визијата на претседателот за прекин на огнот, да престане таму каде што е. Ова мора да биде првиот чекор сега, и тој навистина да ја прифати таа визија и да седне на масата за преговори“, изјави Марк Руте, генерален секретар на НАТО.

Во пресрет на утрешниот состанок на Коалицијата на подготвените, украинскиот претседател во нов обид да обезбеди оружје и опрема за претстојната зима. Зеленски одново ја истакна подготвеноста за дипломатија. Во меѓувреме, Русија изведе воена вежба на стратешките нуклеарни сили.

„Ние го поддржуваме прашањето за прекин на огнот. Ние сме подготвени за дипломатија, но не под услов да мора да се повлечеме од некаде, давајќи му на агресорот наша земја, наша територија. Проблемот е што не гледаме никаква подготвеност од Руската Федерација. Кога Русија ќе биде навистина подготвена за дипломатија, ќе го видиме тоа“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.

Војната продолжува долж линијата на фронтот. Москва, одново го нападна Киев со беспилотни летала.

 

Маријана Димовска